– Трансформацијата на мојата љубов кон книгите во љубов кон Библиотеката се случи нагло, како скок во длабокото… Голема промена и голема одговорност, а со тоа и големи предизвици. Целото мое знаење и ресурси ги насочив во промоција на библиотеката и на македонските автори, како целиот живот и сите мали чекори да воделе до тој момент да дојдам на тоа место и да внесам нова енергија и визија. Благодарна сум им на моите колеги и соработници, кои ја препознаа таа визија и со својата работа помогнаа да се обвистини, вели за весникот ВЕЧЕР поетесата и директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Снежана Стојчевска. За време на нејзиниот мандат, библиотеката ја доби наградата „13 Ноември“ од Град Скопје.

 

Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА

За некој што уште од дете расте опкружен со книги, како поетесата Снежана Стојчевска, пишувањето доаѓа спонтано, со издавањето на првата збирка поезија „Шеќер на подот“, објавена во првата современа женска едиција поезија „Русалки“ во 2012 година. Оттогаш таа станува активен чинител на книжевната сцена, има објавено шест збирки поезија, дел е од платформата за поети и фестивали „Версополис“, ангажирана е како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и континуирано учествува на меѓународни книжевни фестивали. Ама затоа, пак, трансформацијата на љубовта кон книгата во љубов кон библиотеката ќе ѝ се случи нагло, кога во 2022 година ќе дојде на позицијата директор на ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Нејзината амбициозна, активна и неуморна посветеност на мисијата Градската библиотека да ги промовира книгата и читањето како клучна вештина во развојот на човековата личност, создавајќи сигурен и пријатен простор за читателите, повеќепати се потврди преку низата успешни проекти за што беше наградена. Последното признание за време на нејзиниот мандат е наградата „13 Ноември“, која Град Скопје ѝ ја додели на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје за 80-децениско постоење како институција од сферата на културата, која остварува значајна улога и претставува афирмација во доменот на културниот, образовниот и социјалниот живот на Скопје.

 

Како се роди љубовта меѓу вас и пишаниот збор?

– Уште од дете бев опкружена со книги. Ја имав таа среќа моите родители да се пасионирани читатели и од нив ја наследив таа љубов, како и огромна домашна библиотека. Книгата ми е прибежиште, сигурно место каде што можам да бидам среќна сама со себе. Пишувањето дојде спонтано. Започнав да пишувам поезија на блог-платформата блог.мк во 2007, а првата книга „Шеќер по подот“ ја издадов 2012 година, и оттогаш досега сум активна на книжевната сцена. Годинава, во издание на „Повеља“ во Краљево, излезе мојата седма книга „Разлики“, тројазичен избор поезија на македонски, српски и на англиски јазик. Книгата беше издадена и промовирана на фестивалот „Преображење“, кој е дел од поетската платформа Версополис.

Колку поезијата ви е оддишка или причина да го вдишувате светот со полни гради, одново и одново, иако сѐ повеќе и овде е „мрачно и мрак м’ обвива и темна мâгла земја покрива“?

– Пишувањето и читањето поезија за мене е благослов, нешто без кое мојот живот не би бил целосен. Од оваа перспектива сметам дека сум привилегирана што сум растела во семејство полно со љубов и грижа кон мене и кое ме насочило кон книгите и кон уметноста. Потоа, со сопствената посветеност и љубов кон поезијата станав дел од книжевната сцена и на моја огромна радост можам да кажам дека сум современик и пријател со прекрасни авторки и автори, не само во Македонија туку и во регионот.

 

Како се случи трансформацијата љубовта кон книгата да прерасне во посветена работа во библиотеката?

– Се случи нагло, како скок во длабокото во ладна вода во жежок јулски ден. Голема промена и голема одговорност, а со тоа и големи предизвици. Влегов со цело срце. Се вложив максимално. Целото мое знаење и сите ресурси ги насочив во промоција на библиотеката и на македонските автори, како целиот живот и сите мали чекори да воделе до тој момент да дојдам на тоа место и да внесам нова енергија и визија во работењето на библиотеката. Благодарна сум им на моите колеги и соработници, кои ја препознаа таа визија и со својата работа помогнаа да се обвистини.

 

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје нижи само успеси, проширување на меѓународна соработка со сродни институции, бројни признанија за вашата дејност откако сте на раководната функција од 2022 година. Кој беше вашиот најголем предизвик досега?

– Најголемиот и убав предизвик беше да се вратат македонските автори во библиотеките и мислам дека во тоа успеавме со нашата кампања „Читаме современи македонски автори“, која ја работиме веќе три и пол години. Зад завесата имаше и други предизвици од финансиска природа, исклучување струја, поплави од секој вид со кои секојдневно се соочуваме, политички и лични напади и притисоци. Сите ја гледаат работата, но никој не се прашува во какви услови работевме. Навистина беше тешко, но вреди секој момент бидејќи резултатите се видливи.

 

Ја имате и таа среќа за време на вашето раководење со институцијата, библиотеката да одбележува 80-години од своето постоење, и истовремено, годинава да биде наградена со наградата „13 Ноември“ што ја доделува Градот Скопје. Што значи тоа за вас лично, и за институцијата, секако?

– Наградата „13-Ноември“ е круна на нашата работа, ја добивме за јубилејот 80 години од формирањето, за афирмација на културниот, образовниот и социјалниот живот во Градот. Целиот колектив е среќен и задоволен со оваа награда и им ја посветувам ним и на сите библиотеки и библиотекари во Македонија, затоа што оваа награда придонесува за афирмација на сите библиотеки. За мене е големо признание и радост, патоказ дека одиме во вистинската насока. Ова е втора награда што библиотеката ја добива во мојот мандат, имено во 2024 година со кампањата „Читаме современи македонски автори“ ја добивме наградата „Промотори на читачката култура“, што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи во склоп на годишните награди што се доделуваат на Саемот на книгата.

Кој е успешниот рецепт книгата да опстои меѓу читателите, библиотеката да остане најголемата училница каде што се чува Мудроста на светот?

– Рецептот за успех лежи во соработката на повеќе општествени чинители. Само заедно, сплотени, можеме да дојдеме до видливи промени. Библиотеката ги организира своите настани во соработка со издавачките куќи, книжевните фестивали, училиштата, градинките, факултетите, здруженија и амбасади, сѐ со цел да се промовира книгата и читањето како клучна вештина во развојот на човековата личност.

 

Вашата последна збирка поезија „Празно место“ ги собра на едно место сите чувства, луѓе, сензации, желби кои свесно или несвесно, дури и повеќе отколку што можеме да примиме, ја исполнуваат и ја продолжуваат нашата смисла за животот. Дали можеби, и меѓу новогодишните одлуки се крие и реализација на нов ракопис?

– Подготвувам нешто ново, но тоа нема да биде поезија како досега, туку бајка за деца. Се надевам дека ќе биде убаво изненадување и за мене и за читателите.

ИЗДВОЕНИ