Познатата чешка сноубордерка и четирикратна олимпијка, Шарка Панчохова, доживеала вистинска драма при престојот во Јапонија. Таа била затрупана од снег додека се спуштала по падина, но ја снимила целата ситуација, која ја сподели на социјалните мрежи. Благодарение на брзата реакција на нејзиниот тим, таа беше извлечена навреме и остана неповредена.
Панчохова објави видео на својот инстаграм-профил, на кое се гледа како постепено ја опкружува снегот и како целосно ја затрупува на крајот.
View this post on Instagram
Како што објасни, не станува збор за класична лавина од врвот на планината, туку за површинска лавина од снег што започнала околу неа. Иако се нашла во исклучително опасна ситуација, успеала да остане смирена.
- Се обидов да се смирам, да го забавам срцевиот ритам и да заштедам кислород. Знаев дека мојот тим ќе биде тука за кратко време – вели 35-годишната сноубордерка.
На нејзиниот тим му беа потребни околу три минути за да ја лоцира и за да ја извлече од снегот. Исто така, голема среќа во несреќата беше што не беше закопана премногу длабоко, што го олесни нејзиното спасување.











