Обилни снежни врнежи ја зафатија Сјеница во Србија, каде утрово низ целата општина беа измерени околу 40 сантиметри снег, а снегот сè уште врне обилно. Иако ситуацијата е тешка, градот во моментов е прооден, додека чистењето на патиштата во руралните средини е привремено прекинато поради исклучително слаба видливост.
– Снегот врне обилно од рано наутро, но без ветер, што е олеснителна околност во споредба со претходните снежни бури. За среќа, нема ветер. Мирно и тивко е. Низ целата општина има околу 40 сантиметри снег. Градот е прооден и сите градски патишта редовно се одржуваат“, изјави за РИНА, Радиша Кнежевиќ, заменик-градоначалник на општина Сјеница.
Најголем проблем во моментов е ситуацијата во селата, каде што поради густа магла и лоша видливост нема услови за безбедно работење на механизацијата.
– Не ги допревме патиштата во селата бидејќи нема начин. Маглата се спушти, не се гледа ниту 20 метри каде што е патот. Реагираме само во итни случаи, кога е потребно“, рече Кнежевиќ.
Општината, како што истакнува, е целосно подготвена за брза реакција штом ќе се подобрат временските услови.
– Имаме 20 машини подготвени веднаш да почнат со чистење на патиштата и нормализирање на ситуацијата штом ќе престане снегот“, додаде тој.
Во текот на ноќта, подрачјето на месната заедница Баре остана без електрична енергија, но дефектот беше брзо саниран.
– Екипите беа на терен во текот на утрото и снабдувањето со електрична енергија е нормализирано. Водоснабдувањето е во ред и нема поголеми проблеми, рече Кнежевиќ.
Критичниот дел од Дуга Пољана, кој обично предизвикува проблеми при силен ветер и снег, засега е стабилен.
– Денес е мирно, речиси и да нема ветер, што многу ни значи. Најопасно е кога снегот и ветерот ќе се спојат, но тоа сега не е случај“, заклучи заменик-градоначалникот на Сјеница. Надлежните служби ја следат ситуацијата на секој час, а на граѓаните им се препорачува да бидат дополнително внимателни додека продолжуваат обилните снежни врнежи.
„Српски Сибир“ е неформално име за Сјеница и околината, најстудената точка во Србија, поради суровата зима и екстремно ниските температури и обилни снежни врнежи, каде што снегот често достигнува големи височини, а градот е целосно покриен со бела покривка.












