Поради обилни снежни врнежи, ниски температури и силни ветрови, училиштата во Грција денес ќе бидат затворени во неколку региони, некои фериботски линии ќе бидат суспендирани, а поради бурните ветрови, на сила е забрана за бродови што излегуваат од пристаништата Пиреја, Рафина и Лаврио, објавија грчките власти.
Министерството за образование објави дека наставата ќе се одвива од далечина, секаде каде што е можно, поради лошите временски услови и најавата за нивно влошување, објавува Катимерини.
– Со оглед на тоа што во некои општини одлуките за суспензија можат да се донесат во секое време, учењето од далечина се активира веднаш, со цел да се обезбеди продолжување на образовниот процес и непречено функционирање на училишниот процес – се вели во соопштението на Министерството за образование.
Сите основни и средни училишта во областа на Атика, како и градинките во Атина ќе бидат затворени денес, а училиштата ќе бидат затворени и во областите на Ахаја и Ајтолоакарнанија.
Утрово до жителите на Атика беа испратени предупредувачки пораки, со кои се бара од нив да ги ограничат своите движења на апсолутно неопходно, од пладне до вечер, поради лошите временски услови.
Обилни снежни врнежи се регистрирани од ноќта во сите планински области на Епир, а од утрово сообраќајот на тешки возила над 3,5 тони е забранет на Егнација, од наплатните пунктови Дросохори до Панагија.
Низ цела Грција, снегочистачи и прскалки за сол работат на целата патна мрежа за да ги одржат патиштата безбедни за возачите, кои се обврзани да имаат ланци за снег.
Денес во општина Метеори продолжуваат обилни врнежи од снег, како во низините, така и во планините, што создаде проблеми во сообраќајот, главно на патиштата во планинскиот предел, а повеќе од десет села имаат проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Силни ветрови го погодија регионот на западна Грција, каде што беше пријавено и паѓање на дрвја, што доведе до неколку интервенции на противпожарните служби.












