Смртоносниот вирус Марбург станува епидемија: Најмалку тројца починати, речиси 130 во изолација

49

Министерството за здравство на Етиопија соопшти дека три лица официјално починале од вирусот Марбург, додека уште три смртни случаи се испитуваат за да се утврди дали се поврзани со истата болест.

Објавата дојде само неколку дена откако земјата потврди епидемија на вирусот во јужна Етиопија, каде што се идентификувани најмалку девет случаи.

Референтната лабораторија на Етиопскиот институт за јавно здравје ги потврди инфекциите, а официјалните лица изјавија дека ситуацијата е под засилен надзор.

Вкупниот број на случаи сè уште не е официјално објавен, но 129 лица кои биле во контакт со заразените веќе се ставени во изолација за да се следи нивното здравје и да се спречи ширењето на вирусот.

Вирусот се појави во јужна Етиопија, а Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ) го наведоа вирусот „Марбург“ како еден од најсмртоносните познати патогени.

Како и еболата, Марбург предизвикува тешко крварење, треска, повраќање и дијареја, а инкубацискиот период е 21 ден. Како и еболата, се пренесува преку контакт со телесни течности и има стапка на смртност помеѓу 25 и 80 проценти.

Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус од Етиопија, во петокот потврди дека најмалку девет случаи се откриени во јужна Етиопија, два дена откако Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) беше известен за сомнителниот хеморагичен вирус во регионот.

„Болеста од вирусот Марбург (MVD) е потврдена од Националната референтна лабораторија (во Етиопија). Во тек се понатамошни епидемиолошки истражувања и лабораториски анализи, а откриениот сој на вирусот покажува сличности со оние претходно идентификувани во Источна Африка“, соопшти Африканскиот ЦДЦ во саботата.

Епидемијата на вирусот Марбург уби 10 лица во Танзанија во јануари оваа година.

Не постои одобрена вакцина или антивирусен третман за вирусот Марбург, но оралната или интравенозната рехидратација и третманот на специфични симптоми ги зголемуваат шансите за преживување на пациентите.

ИЗДВОЕНИ