Офер Бронштајн, советник на францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека добил смртни закани откако јавно го поддржал признавањето на палестинска држава, објави порталот „Еурактив“.
Според него, француската позиција за палестинското прашање во Израел се перцепира како „многу лоша“, додека израелските власти се обидуваат да ја убедат јавноста дека признавањето на Палестина би значело поттикнување на антисемитизмот и наградување на радикалното движење Хамас.
„Затоа позицијата на Франција и претседателот Макрон се демонизира. И јас добивав смртни закани“, истакна Бронштајн.
Овој советник е близок соработник на претседателот Макрон за прашањата на Блискиот Исток и долгогодишен активист во областа на израелско-палестинскиот дијалог. Неговата изјава доаѓа во време кога Франција сè повеќе отворено се залага за ставот дека признавањето на палестинската државност е неопходен политички чекор.