вторник, февруари 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Смртни закани упатени кон новинарот Александар Видиновски – ЗНМ бара итна реакција...

Смртни закани упатени кон новинарот Александар Видиновски – ЗНМ бара итна реакција на институциите, осуда за нападите пристигна и од политичките партии

1650

Здружението на новинарите на Македонија Здружение на новинарите на Македонија – најостро ги осудува сериозните онлајн напади, навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по објавувањето на негово видео на социјалните мрежи во кое укажува на непрописно паркирани возила на тротоарот пред објектот на Амбасада на Република Бугарија во Скопје.

Од ЗНМ наведуваат дека пораките со навредлива, шовинистичка и говор на омраза, како и директните закани по живот, меѓу кои и пораката „смрт за вас“, претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по личната безбедност на новинарот. Според Здружението, ваквите напади имаат јасна цел – притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес.

ЗНМ информира дека преку својот адвокатски тим му обезбедило правна помош на новинарот Видиновски и дека е поднесена пријава до Министерство за внатрешни работи. Од Здружението очекуваат надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да обезбедат соодветна институционална реакција, во согласност со законските надлежности.

Во соопштението се потсетува дека Видиновски известувал за проблем од јавен интерес – непрописно паркирање на јавна површина, за кој реагирале и граѓани, а за кој свој став изнело и Министерството за внатрешни работи. ЗНМ нагласува дека новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.

Здружението изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети. Воедно, ЗНМ најавува дека внимателно ќе го следи случајот и ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на новинарите и медиумските работници.

Нападот врз новинарот го осудија и политчките партии.

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество.

Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот, објавија од партијата.

И од партијата ВМРО ДПМНЕ ги осудија нападите врз новнарот Александар Видиновски.

Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

ИЗДВОЕНИ