Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е традиција, духовна навика и жива дебата за тоа каков театар сакаме да гледаме и какво општество сакаме да градиме, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Низ овие 59 години, театарот постојано се движи напред предводен од нови генерации уметници кои носат нова естетика, нови форми и одговараат на нови прашања. И тоа не треба да нѐ плаши. Напротив, тоа е потврда дека театарот е жив. И како институции, ние сме тука не само да ги следиме тие процеси, туку и да ги поддржиме – суштински, доследно, со јасна визија, рече министерот Љутков прогласувајќи го за отворен 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Според уметничкиот директор фестивалот Ана Стојаноска до наредниот петок, 13 јуни носи богата програма со девет претстави во конкуренцијата за награди, пет во независната продукција, промоции, нови содржини, разговори на тркалезната маса за одиграните претстави како и достојно внимание на прилепските театарски дејци преку „Прилеп во фокусот“. Почит на актерите Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски Џумерко и за драмскиот автор Благоја Ристески-Платнар.
-Сакам да ја поздравам новата програма „Драмолетање“. Ќе комуницираат актерите, заедно со продуцентите и режисерите. Тоа за да се фокусираме на домашната, македонската драма. На Фестивалот е и детската зона, а Прилеп во Фокусот е всушност, музејот во движење. Во недела навечер од 21 часот пред Градскиот саат ќе почнеме да го мапираме Прилеп како градот во фокус, изјави Стојаноска.
Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, Фестивалот во Прилеп носи економски бенефит, но најважно од сѐ е што носи дух и гордост.
-За Прилеп, „Војдан Чернодрински“ е традиција што нѐ обврзува, но и инспирација што нѐ движи напред. А за цела Македонија, тој е симбол на континуитетот, на квалитетот и на љубовта кон театарот. Фестивалот создава простор за нови уметнички јазици, нови визии, нови генерации актери и режисери. Но, создава и простор за дијалог и за заедништво. Театарот, како и секогаш, ни дава шанса да се огледаме во него – искрено и без маски, рече Јовчески на отворањето на Фестивалот.