Службените коли со црвени таблички, ќе се гледа каде и кога возат функционерите

Законска обврска која ќе важи за 6500 возила

47

Сите владини возила најдоцна до 15 септември треба да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблици во црвена боја. Одлуката е донесена на владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.

Целта на оваа мерка е јасна: зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила. Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или за партиски цели.

Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно со законските процедури.

Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење. Се смета дека со тие специјални таблички ќе бидат опфатени околу 6.500 возила во земјата.

Случаите на  злоупотреба на службени возила  за партиски или за приватни цели во  Македонија досега честопати беа предмет на критики во јавноста, особено кога такви случаи беа регистрирани во изборни периоди. Последниот пример беше со паркираните владини автомобили на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, и на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, пред полноќ близу партиски штаб. Лично премиерот Христијан Мицкоски се заложи дека ако возилата биле злоупотребени, двајцата ќе треба да се извинат.

Согласно со Изборниот законик, државните институции и јавните претпријатија се должни во рок од десет дена од денот на донесување на одлуката за распишување избори, до ДКСК да достават податоци за бројот, видот, регистарската табличка и возната состојба на возилата со кои располагаат. Член 8-б од Изборниот законик предвидува дека „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“.

ИЗДВОЕНИ