Слушателите не умеат да препознаат музика создадена од вештачка интелигенција, што претставува предизвик за целата музичка индустрија, според заедничка студија на онлајн услугата за стриминг Deezer и Ipsos објавена денес.
Анкетата спроведена на 9.000 испитаници во осум земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство, Франција, Бразил и Канада, покажа дека 97 проценти од испитаниците не можат да ги разликуваат песните генерирани од вештачка интелигенција од оние компонирани од луѓе, објавува Ројтерс.
Резултатите истакнуваат етички и економски предизвик за глобалната музичка индустрија, бидејќи алатките што можат да генерираат песни за секунди ги загрозуваат приходите на уметниците и предизвикуваат спорови за авторски права.
Проблемот доби на важност претходно оваа година кога бендот создаден од вештачка интелигенција, The Velvet Sundown, доби еден милион месечни слушатели на Spotify. Дури подоцна беше откриено дека производот е вештачка интелигенција.
Deezer објави дека повеќе од 50.000 песни дневно на платформата се целосно генерирани од вештачка интелигенција, што претставува околу една третина од сите нови музички изданија. Платформата започна да ја етикетира музиката со вештачка интелигенција оваа година за да ја зголеми транспарентноста.
Извршниот директор на „Дизер“, Алексис Лантерни, нагласи дека креативноста им припаѓа на луѓето и треба да биде заштитена, но дека воведувањето различни такси за музика со вештачка интелигенција е комплексно и предизвикува големи промени во системот за авторски права, пренесува „Танјуг“.












