Словенија планира во 2016 година да издаде т. н „панда“ обврзница во вредност од 5 милијарди кинески јуани, што е околу 700 милиони долари. Словенечкиот министер за финансии, Клемен Боштјанчич, за време на неодамнешната посета на Пекинг изјави дека Словенија „сака да ја прошири базата на инвеститори“.

Инаку, „панда“ обврзница е обврзница деноминирана во јуани што странските издавачи ги продаваат во Кина. Според Боштјанчич, Словенија има стратегија да ја отвори својата економија во услови на зголемени трговски тензии и промени во индустриските политики на САД и Кина. Покрај Словенија, ваква обврзница изминатиов период издадоа и некои суверени заемопримачи, како Португалија, Унгарија, кои се дел од еврозоната, но и Египет.

Во изјава за британскиот весник „Фајненшл тајм“, Боштјанчич вели дека „Љубљана ја сигнализира својата желба да воспостави поблиски односи со Пекинг, и покрај притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп врз Европа да заземе построг став кон Кина“.

– Помалите земји се многу повеќе изложени на нарушувања во глобалната трговија предизвикани од „невидените царини“ на Вашингтон и воведувањето на сеопфатни контроли на Пекинг врз извозот на критични суровини. – Тоа е нешто што светот не го видел можеби дури ни 100 години. Особено е предизвикувачки за мали, отворени економии како нашата – изјави тој за „Фајненшл тајмс“.

Тој истакна дека Словенија мора да ги заштити своите интереси и поради тоа ги засили билатералните односи со кинеските претставници.

– И малите членки на ЕУ мора да негуваат директни односи со големи земји како Кина – нагласи Боштјанчич и изрази надеж дека со издавањето на „панда“ обврзница Словенија ќе го повтори успехот на издавањето на „самураи“ обврзници во Јапонија, а неодамна Словенија издаде и обврзница базирана на „блокчејн“.

ИЗДВОЕНИ