Во филмот е прикажан и познатиот македонски споменик во Крушево, „Илинден“ или Македониумот. Всушност, дел од филмот е снимен во Крушево, во 2023 година, со учество на бројна екипа од Македонија, меѓу кои како автори се јавуваат сценографот Михаил Панев, кастинг- директорката Александра Кардалевска, актерките Марија Новак, Душица Стојановска-Настовска, а улоги остварија и Василка Костадиноска и Љубиша Бојовиќ. Продуцент од Македонија е Дејан Крајчевски
Словенечко-македонската копродукција „Фантази“ на режисерката Кукла Кешеровиќ ја освои главната награда – најдобар филм на 37. Филмски фестивал во Трст, кој се одржа од 16 до 24 јануари.
Долгометражниот игран филм следи три мушкаданки на кои им се менува животот откако ќе ја запознаат Фантази (Алина Јухарт), трансжена што ќе ги поведе заедно да ги истражуваат родот, желбите и идентитетот. Михрије (Сара ал Салех), Сина (Мина Миловановиќ) и Јасна (Миа Скрбинац) се три пријателки во раните дваесетти години, кои растат во имигрантска средина во Словенија и се спротивставуваат на очекувањата на своите семејства.

Образложувајќи ја својата одлука за наградата, тричленото жири посочи дека филмот ги испреплетува реалноста и фантазијата со леснотија и живост и раскажува приказна што ја плени публиката.
– Со прецизност, почит и емпатија, истражува што значи да се биде млада жена во длабоко традиционална средина – додаваат од жири-комисијата.
Наградата, која е насловена „Трст“, вклучува 5.000 евра, кои се наменети за режисерката на наградениот филм.
Филмот ја доби и наградата на жирито (Jury Prize), која е именува според филмскиот портал „Синеропа“ (Cineuropa), првиот европски филмски и аудиовизуелен онлајн портал што се чита на четири јазици.
– За суптилниот начин на кој филмот ја раскажува транзицијата од адолесценција во зрелост, со прашања за соништата, пријателството, љубовта и меѓугенерациските односи, а во исто време го претставува балканскиот мозаик од јазици, религии и култури на модерен и носталгичен начин. За клокотената, неконвенционална и меланхолична електронска музика што ја збогатува естетиката на филмот. За фотографијата како во сон што го придружува филмот со мистериозни светла, минливи снимки, орфички ноќи, џиновски месечини и мистични златни птици. За езотеричниот и либертаријански став што ја претставува смртта како транзиција и промена на полот. За архитектонските локации што се претставени како живи, независни ликови“ – се истакнува во одлуката на жирито.
Режисерката, позната и како Кукла, за наградите што ги доби изјави дека е неизмерно среќна и благодарна што и жирито на Филмскиот фестивал во Трст и порталот „Cineuropa“ го препознале и го почувствувале „Фантази“.

– Ова е прекрасна потврда за работата на целиот креативен, технички и продукциски тим, кој го создаде филмот со голема посветеност и срце. Исто така, особено сум задоволна од фактот што снимивме дел од филмот во населбата Мелари во Трст, што симболично и емотивно убаво го заокружува целиот круг на приказната за филмот „Фантази“ – додаде режисерката.

Во филмот е прикажан и познатиот македонски споменик во Крушево, „Илинден“ или Македониумот. Всушност, дел од филмот е снимен во Крушево, во 2023 година, со учество на бројна екипа од Македонија, меѓу кои како автори се јавуваат сценографот Михаил Панев, кастинг- директорката Александра Кардалевска, актерките Марија Новак, Душица Стојановска-Настовска, а улоги остварија и Василка Костадиноска и Љубиша Бојовиќ. Продуцент од Македонија е Дејан Крајчевски.
„Фантази“ е во продукција на „Децембер филм“ од Љубљана, а македонски малцински копродуцент е „Круг филм“ од Скопје, со поддршка од македонската Агенција за филм.
Филмот ја имаше својата светска премиера во август минатата година, на 78. Филмски фестивал во Локарно, Швајцарија, каде што беше прикажан во официјалната конкуренција „Синеасти на денешницата“. Добитник е и на пет награди „Весна“ на последниот Словенечки филмски фестивал во Порторож, потоа на наградата „Срцето на Сараево“ за глума, специјално споменување „Сирена“ на Филмскиот фестивал во Солун и наградата на публиката на 41. ЛГБТ филмски фестивал.
Програмата на 37. Филмски фестивал во Трст ги прослави женските гласови во словенечката кинематографија. Вклучи 13 словенечки долгометражни филма, документарни и играни, и десет кратки. (Н.И.Т.)












