Словенечките пожарникари ја завршија својата мисија во државава. Тимот од 61 пожарникар, кој со 18 возила беше ангажиран во гаснењето на пожарот на планината Готен, замина денеска.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, им се заблагодари за помошта од име на македонската Влада и на македонските граѓани и им додели благодарници.
На градскиот стадион во Берово, вчера се одржа завршна средба по повод успешно завршената интервенција на словенечките и на македонските пожарникари на планината Готен.
Претставникот на словенечките пожарникари, Роберт Шкрл, изразил надеж дека со својата мисија помогнале успешно да биде завршена интервенцијата на пожарот на планината Готен.
Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пејовски, им се заблагодари на сите што учествуваа во гаснењето на пожарот, особено на словенечките пожарникари.
Словенечките пожарникари ја посетија и улицата „Жан Кофол“, именувана во 2021 година по загинатиот словенечки пожарникар што учествуваше во гаснењето на пожарите во Берово, а подоцна го загуби животот во сообраќајна несреќа во Словенија.
Од ДЗС информираат дека утре ќе замине и чешкиот хеликоптер „блек хок“ со седумчлен екипаж.
Ангелов истакна дека за гаснење на пожарот на територијата на Општина Долнени, во атарот на селото Стровија, на местото викано Гајдарец-Клепало, вчера утрината со полициски хеликоптер биле испратени екипи на ЈП „Национални шуми“ со неколку доброволци ловци, кои за неколку часа целосно го изгаснале овој пожар на отворен простор, кој имал зафатено поголема површина на сува и висока трева по гребенот на планината. Воедно, додаде дека пожарот на планината Готен е целосно изгаснат и од радовишка и од беровска страна.
– Во овој момент, нема активни пожари – заклучи тој.
Две куќи изгореа во пожар во Лисиче, повредено едно лице
Во раните утрински часови на 2 август, избувнал силен пожар во скопската населба Лисиче, при што целосно изгореле две куќи, а трета е делумно оштетена. Во пожарот било повредено и едно лице.
Пожарот бил пријавен во 1:30 часот во СВР Скопје, а се случил на улицата „Ѓорѓе Андреевиќ-Кун“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, биле опожарени куќите на С. С. (61 година) и на Д. Ѓ. (30 години), кои целосно изгореле, а бил зафатен и дел од покривот и на куќата на нивниот сосед С. Г. (57 години).
Пожарот бил изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а повредениот С. С., со возило на Итната медицинска помош, бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за укажување медицинска помош. Од МВР соопштија дека ќе се утврдат причините за пожарот по извршувањето увид на местото на настанот.
(А.П.)