Словенечкиот премиер Роберт Голоб се најде на мета на политички пријатели и непријатели откако објави планови за референдум за членство во НАТО, објавува „Политико“.
Минатата недела, парламентот гласаше за предлогот на Левицата, коалицискиот партнер на Голоб, за одржување консултативен референдум за зголемување на воените трошоци на три проценти од бруто домашниот производ до 2030 година.
Иако партијата на Голоб, „Движење за слобода“, гласаше против тој предлог, премиерот на самитот на НАТО во Хаг минатиот месец веќе се обврза на уште поамбициозна цел за издвојување на пет проценти за одбрана до 2035 година. Кризата во владата дополнително ескалираше кога центристичките социјалдемократи, кои се дел од владејачката коалиција, застанаа на страната на опозицијата и ја поддржаа иницијативата за референдум.
Незадоволен од тоа, Голоб одговори со предлог да организира многу посериозен референдум за тоа дали Словенија треба да остане членка на НАТО алијансата, на која се приклучи во 2004 година.
„Постојат само два можни начина: или да останеме во алијансата и да ја платиме членарината, или да ја напуштиме алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните“, рече Голоб.
Словенија е еден од најниско рангираните сојузници на НАТО кога станува збор за трошоци за одбрана од само 1,29 проценти од БДП и сè уште не успеала да ја исполни претходната цел на воениот сојуз од два проценти. Новата обврска од пет проценти до 2035 година предизвика дополнителни поделби, особено затоа што немаше јавна дискусија за тоа во земјата.
Пратеникот во Европскиот парламент од социјалдемократите, Матјаж Немец, рече дека одлуката на Голоб била „емоционална, избрзана и нестратешка“ и додаде дека неговата партија не смета дека е мудро да се отвори прашањето за членство во НАТО во овој момент. Според него, проблемот е што премиерот немал мандат да ја прифати целта од пет проценти на самитот на НАТО.
Политичкиот аналитичар и професор Миро Хачек смета дека Голоб, кој влезе во високата политика дури во 2022 година и веднаш победи на изборите, покажува политичка незрелост.
„Тој не е навикнат да губи глас и чувствува дека неговите коалициски партнери го уценуваат. Ова е прв пат во овој мандат двата коалициски партнери да гласаат против него. Тој има малку политичко искуство и не предвидел такво сценарио“, рече Хачек.
Од друга страна, европратеничката Ирена Јовева од „Движењето за слобода“ рече дека објавувањето на референдумот за членство во НАТО е „промислена одлука“.
„Како што се приближуваат парламентарните избори следната година, темата за зголемување на трошоците за одбрана е сè повеќе на врвот на политичките агенди и се заканува да стане средство за популистичка мобилизација на опозицијата. Иако знаеме дека граѓаните не се склони да ги зголемат трошоците за одбрана, веруваме дека тие ги препознаваат предностите на членството во НАТО“, рече Јовева.
Иако анкетите покажуваат дека членството во НАТО во моментов го поддржуваат само половина од граѓаните, ниедна голема партија не се залага за напуштање на воениот сојуз. Дури и опозициската Словенечка демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша не бара излез. Единствената парламентарна партија што се изјаснува за напуштање на НАТО е Левицата.
Иако необврзувачки, референдумот за членство во НАТО би имал голема политичка тежина. Доколку граѓаните гласаат против алијансата, Словенија би можела да се соочи со предизвик сличен на Брегзит.