Шумската терапија, практика што вклучува долги прошетки во природа и за која се верува дека помага во намалувањето на стресот, намалувањето на крвниот притисок и зајакнувањето на имунитетот, се воведува во словенечкиот образовен систем во градот Накло.
Биотехничкиот центар Накло ја предводи иницијативата за интегрирање на шумската терапија во наставната програма, како и организира работилници, објавува словенечката новинска агенција „СТА“.
Здравствените придобивки од практиката делумно се припишуваат на фитонцидите, природни антимикробни соединенија што ги ослободуваат дрвјата, за кои научните истражувања покажаа дека можат да го намалат воспалението во телото.
Студиите од Јапонија и Јужна Кореја, исто така, укажуваат на други позитивни ефекти, како што се намалена анксиозност, подобрена меморија и концентрација и подобар сон.
Програмата во Накло, наменета и за ученици за вработени, ја води Мојца Логар, член на првата генерација сертифицирани водичи за шумска терапија во Словенија.
„Шумската терапија вклучува два до три часа водени прошетки низ шумата, за време на кои систематски ги отвораме сите пет сетила. Преку вежби за дишење и внимателност, се обидуваме да им помогнеме на учесниците да постигнат состојба на релаксација и да ги примат позитивните ефекти од природата“, рече Логар.
Иако здравствените придобивки се потврдени, сè уште не е познато кога шумската терапија ќе биде дел од официјалниот здравствен систем во Словенија.
Логар вели дека оваа практика е глобален тренд и едноставно, ефикасно решение за современиот човек во потрага по рамнотежа на телото, умот и духот.