сабота, февруари 7, 2026
Дома МАГАЗИН Словачка воведува ограничување на брзината за пешаците

Словачка воведува ограничување на брзината за пешаците

100

Словачкиот парламент усвои амандман на законот за сообраќај со кој ќе се воведе ограничување на брзината од шест километри на час за пешаци, велосипедисти, скејтери и тротинети на тротоарите во урбаните средини од 1 јануари 2026 година.

„Главната цел е да се зголеми безбедноста со оглед на зголемениот број инциденти со тротинети“, изјави Љубомир Важни од партијата Смер, која е дел од владејачката коалиција на словачкиот премиер Роберт Фицо, пренесува бриселскиот „Политико“.

Како што истакнува порталот, не е јасно како полицијата ќе го спроведува законот и ќе ја мери брзината на пешаците, со оглед на тоа што просечната брзина на одење е помеѓу четири и пет километри на час.

Дури и словачкото Министерство за внатрешни работи изрази сомнежи за оправданоста на мерката, нагласувајќи дека „би било пологично да се забранат електричните тротинети на тротоарите отколку да се воведе општо ограничување на брзината“. Опозицијата остро ја критикуваше одлуката.

Мартин Пекар од партијата Прогресивна Словачка рече дека тоа не го решава вистинскиот проблем – безбедноста на пешаците во сообраќајот.

„Ако сакаме помалку судири, ни требаат побезбедни велосипедски патеки, а не апсурдни ограничувања што е физички невозможно да се следат“, рече Пекар, додавајќи дека велосипедистот „едвај може да ја одржи рамнотежата со брзина од шест километри на час“.

ИЗДВОЕНИ