среда, февруари 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Словачка прогласи вонредна состојба поради прекин на испораките на нафта преку нафтоводот ...

Словачка прогласи вонредна состојба поради прекин на испораките на нафта преку нафтоводот  „Дружба“

264
epa12474931 Slovakia's Prime Minister Robert Fico before the start of the Euro Summit in Brussels, Belgium, 23 October 2025. EU leaders convene in Brussels to discuss the situation Ukraine, European defence, developments in the Middle East, competitiveness, housing and migration. EPA/OLIVIER HOSLET

Словачката влада денес прогласи вонредна состојба во нафтената индустрија поради прекин на испораките преку нафтоводот „Дружба“ и одлучи да позајми до 250.000 тони нафта од државните резерви за рафинеријата „Словнафт“ во Братислава.

На рафинеријата „Словнафт“ ѝ се потребни помеѓу 7.300 и 7.500 тони нафта дневно за нормално работење, а државните резерви треба да покријат најмалку еден месец работа додека не се воспостават алтернативни испораки, објавува порталот Teraz.sk.

Кредитот е планиран како привремена мерка – „Словнафт“ е должен да ја врати нафтата до септември оваа година, а компанијата мора да обезбеди финансиска гаранција или банкарска гаранција во износ од евидентираната вредност на нафтата.

Словачкиот премиер Роберт Фицо по владина седница објави дека „Словнафт“ веднаш го суспендира извозот на дизел во Украина и сите други извозни испораки.

Сите нафтени деривати произведени од рафинеријата ќе бидат наменети исклучиво за домашниот пазар.

Според Фицо, нема причина да се стравува од недостиг на гориво или други нафтени производи во Словачка.

„Словнафт“ може да го користи снабдувањето преку нафтоводот Јанаф (Адрија), кој поминува низ Хрватска, како алтернатива на нафтоводот Дружба, но оваа рута досега се користеше само делумно, за помал дел од вкупното производство.

Според проценките на рафинеријата, целосното префрлање на нафтоводот „Јанаф“ (Адрија) бара помеѓу 20 и 30 дена, поради што се неопходни државни резерви за да се обезбеди снабдување во преодниот период.

Словачкото Министерство за економија и унгарскиот министер за надворешни работи заеднички испратија писмо до хрватската страна барајќи дозвола за транспорт на руска нафта преку „Јанаф“.

Хрватска изрази подготвеност да помогне, но ситуацијата е комплицирана – Европската унија ја забрани испораката на руска нафта со танкери, а без танкери, оваа нафта не може ниту да стигне до Хрватска.

Словачката министерка за економија Дениса Сакова објави дека чешкиот министер за индустрија Карел Хавличек моментално ја истражува можноста за испораки на нафта и нафтени производи од Чешка.

Таканаречениот обратен тек би бил друга алтернатива во иднина, но би барал големи инвестиции од чешка страна, пренсе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ