– Чувствувам како да сум станал зависник од сликарството. Морам да сликам, нагонот ме тера на тоа. Како магнет ме влечат и внесуваат немир во мене Вардар, планината Кожуф, старите гевгелиски улици и архитектурата и често излегувам во природа за да ја почувствувам силата на вистинската боја на природата, да ги видам луѓето како работат. Овие импресии ме растоваруваат од секојдневието, ми ја разголуваат душата и едноставно тоа ме тера да сликам. На некој начин, да ја овековечам убавината – вели гевгелискиот уметник Никола Бутров во разговорот за весникот ВЕЧЕР

 

За богатото уметничко творештво на уметниците од Гевгелија, професорот Илија Карајанов на едно место има напишано: „Смислата на уметноста творците ја согледуваат во исконската борба на човекот против минливоста и заборавот. Под убавината на нашето јужно поднебје, делата на гевгелиските уметници, сакале ние или не, не може да бидат ништо друго, освен – светлина. Светот на гевгелиските уметници претставува потрага по хармонијата на боите. Уметниците создаваат за да постојат, тие креираат за да бидат на сончевата страна на вистината“.

Еден од тие уметници што долги години се во потрага по хармонијата на боите и на најдобар можен начин ја претставуваат т.н. гевгелиска ликовна школа е Никола Бутров. Тој е роден во Гевгелија, во 1939 година. Има завршено Уметничка школа и Педагошка академија во Скопје, на отсекот сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1977 година. Беше претседател на Друштвото на ликовните уметници на Гевгелија од обновувањето во 2006 до 2009 година. Учесник е на повеќе групни изложби и на ликовни колонии во земјата и во странство. За своето творештво има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата за животно дело на Општина Гевгелија – „7 Ноември“.

?????????????

Кога го посетив во неговото ателје, пред мене како да се отворија таинствените двери на една „пештера“ полна со драгоцени ликовни платна, кои беа наредени на сите четири страни.

Без разлика дали служи како место за креативна изолација или како простор за средби, дијалог, социјално и уметничко здружување, ателјето е централно место на креативноста на уметникот, засолниште на идеи и имагинација, а честопати и прва рамка во процесот на создавање уметничко дело.

За миг го замислувам уметникот Бутров како наведнат пред сликарското платно ја ткае својата слика. Никола Бутров е молчалив, мирен и тивок човек. Малку зборува, но она што ќе го каже е длабоко содржајно. Ми вели дека најдобро зборува со четката и со боите. Од почеток знаев дека ова ќе биде поинакво интервју од вообичаените. И така бидна. Сликите на Бутров се бескрајно разновидни. Ти ги брануваат емоциите, нежно ти ја допираат душата, изнудуваат бура од емоции. Тој ми ги покажуваше своите дела, а јас го прашав дали знае колку слики има насликано досега.

– Не знам колку слики имам насликано, само во моето ателје ги има над сто. Имам продадено многу слики во Македонија, а мои слики може да се најдат и сретнат на сите континенти, со исклучок на Африка. Не знам зошто е тоа така, но, веројатно, затоа што моите слики се едноставни, може секој да ги разбере, во нив да пронајде дел од себе или дел од својата средина.

Кога започна твоето другарување со четката, платното и со боите, беше моето наредно прашање, по долгото гледање во една од неговите слики на која беше насликана главната улица во Гевгелија.

– Роден сум во Гевгелија, каде што го завршив основното образование и уште тогаш ме привлекуваше цртањето со молив. Поствоените години и социјалниот момент ме принудија да го изучувам столарскиот занает, но истовремено посетував вечерно училиште за дооформување на моето осумгодишно образование. Со столарскиот занает се занимавав од 1954 до 1957 година. Како извонредно надарен за сликање, преку тестирање и приемен испит, се запишав во средното ликовно училиште во Скопје, каде што за свои професори ги имав Пандиловски и Личеновски. По завршувањето на средното ликовно училиште, почнав да работам како наставник, истовремено запишувајќи се на Педагошката академија во Скопје, ликовна насока, во класата на светски прочуениот сликар Борко Лазески. Се пензионирав како наставник во ООУ „Крсте Мисирков“, во 2023 година.

Бутров работи во повеќе техники. Почнал со обичен молив, како дете и како што минувало времето така ја менувал и техниката на сликањето. Во текот на своето сликарско творење сликал пејзажи, природата околу себе, а во подоцнежните години го привлекувало сликањето стари предмети, бакарни тепсии, стомни, керамика, кандила, ѓумови. Ме интересираше кога и каде била неговата прва самостојна изложба и колку изложби имал досега.

– Во Гевгелија имам реализирано десетина самостојни изложби. Првата самостојна изложба во Гевгелија ми беше во 1957 година, во мензата на Филатурата во Гевгелија. По повод 100 години Град Гевгелија, имав изложба на слики во Градската библиотека „Гоце Делчев“, а ретроспективна изложба на слики имав во хотелот „Аполонија“, во 2007 година. Освен во мојот роден град, самостојни изложби имам реализирано и во Скопје, Неготино, Кавадарци, Кочани, Задар, Сплит, Шибеник, Доброво. Би ја издвоил, како значајна за мене, мојата изложба на акварели во Музејот на Град Скопје, во 2011 година, во чест на Љубомир Белогаски. Инаку, бев учесник на повеќе групни изложби и на ликовни колонии како во земјава така и во странство – се присети Бутров.

Го прашав и за наградите што ги има добиено и која му е најдрага.

– За моето творештво, имам добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои и првата награда за мал формат од ДЛУМ, во 1991 година, откуп на наградата на годишната изложба на ДЛУМ, сребрена плакета на изложба на уметнички дела со хортикултура, организирана од ДЛУМ. Признание претставува и моето учество во 1996 година, по предлог на ДЛУМ, на симпозиумот за акварел во чест на Никола Маринов во Бугарија. Имам учествувано на повеќе симпозиуми на просторот на бивша Југославија, а бев учесник и на традиционалната манифестација „Дојрански ракувања“. Автор сум на повеќе плакати и на идејни решенија за плакети за награди и за благодарници. Автор сум на идејното решение за првиот грб на Општина Гевгелија. Сепак, најдрага ми е Седмоноемвриската награда за животно дело, која ми беше доделена за развојот на културата и на уметноста во мојот роден град, Гевгелија.

Бутров е реалист по вокација, акварелист, вљубеник во пејзажот на Гевгелиското Поле и на планините, занесеник по бистрите и матни води на Дојранското Езеро, реката Вардар, Сува Река, истражувач на разиграните бои, кој речиси седум децении е преокупиран од четката, платното и од боите.

Загледан во една од неговите волшебни слики, не можев, а да не го прашам што е она што го тера да слика и по толку години творештво.

– Чувствувам, ми вели, како да сум станал зависник од сликарството. Морам да сликам, нагонот ме тера на тоа. Како магнет ме влечат и внесуваат немир во мене Вардар, планината Кожуф, старите гевгелиски улици и архитектурата и често излегувам во природа за да ја почувствувам силата на вистинската боја на природата, да ги видам луѓето како работат. Овие импресии ме растоваруваат од секојдневието, ми ја разголуваат душата и едноставно тоа ме тера да сликам. На некој начин, да ја овековечам убавината – вели Бутров.

Оние што добро го познаваат Никола Бутров велат дека умее да ги наслика дури и тишината и продорот на сончевите зраци, шумот на силниот ветар вардарец. Неговите бројни сликарски дела го потврдуваат ова тврдење. Неговите слики духовно го хранат оној што барем еднаш застанал пред една од неговите слики. И,пред да се разделиме, пред да заминам од неговото ателје, Бутров ми рече: „Се надевам дека успеа да видиш дека стилот на моето сликање – тоа сум јас, како човек што е опкружен со градот Гевгелија и со неговите убавини“. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ