
Сликањето и давањето отпечатоци, кои почнаа да се применуваат сега за влез на нашите граѓани во земјите на Европската Унија, во рамките на новиот систем EES, нема да бидат претходен услов за да можат граѓаните в година да испраќаат барања да им се одобри престој преку системот ETIAS. Вакво објаснување доби весникот ВЕЧЕР од Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, по појавените дилеми дали граѓаните што в година ќе почнат да испраќаат барања за одобрување престој во некоја од земјите членки на ЕУ, претходно ќе треба да се евидентирани во системот EES. Оттаму, во одговорот на нашето новинарско прашање, ни одговорија дека системот ETIAS во овој момент не е оперативен, но ни објаснија како ќе оди процедурата на пријавувањето.
– Откако ќе започне системот ETIAS со работа, предвидено за последниот квартал од 2026 година, постапката ќе биде следнава: пред да патуваат во Шенген-зоната на ЕУ и Кипар, патниците прво ќе мора да се регистрираат онлајн, во системот ETIAS. Откако ќе се издаде одобрение за патување, лицата можат да се појават на граничниот премин. На границата, граничната полиција ќе потврди дека патникот ги исполнува условите за влез, ќе собере биометриски податоци и ќе го регистрира во EES доколку не е претходно регистриран – се наведува во одговорот на Одделот за односи со медиумите, во рамките на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја.
Од средината на минатиот месец, на граничните премини на земјите членки на ЕУ почна да се применува системот ЕЕС, кој предвидува давање биометриски податоци од граѓаните што не се дел од Шенген- зоната, а сакат да влезат во неа.
– EES е нова автоматизирана ИТ-платформа што ќе ги регистрира: времето и местото на влез и излез од Шенген-зоната, биометриските податоци (фотографија и отпечатоци од прстите), податоците од патната исправа и видот на патната исправа, при што дозволеното времетраење на престојот е максимум 90 дена, во период од 180 дена – објасни неодамна македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Според сознанијата и искуствата на граѓаните што се споделуваат на социјалните мрежи, овој систем на граничните премини од Македонија кон Грција се применува само повремено во текот на денот. Односно, од 2 до 4 часа во претпладневниот и во попладневниот период, што значи дека сè уште не се регистрираат сите наши граѓани што ја поминуваат грчката граница.
Во информацијата до јавноста на македонското Министерство неодамна, беше објаснето дека системот ETIAS ќе стартува в година и ќе биде задолжителен за сите државјани на државите што не се членки на Шенген-зоната, кои патуваат без виза во земјите членки на Шенген-зоната. Тој ќе претставува претпатничко безбедносно одобрение, кое ќе биде издадено пред да се влезе во земјите членки на Шенген- зоната од земјите од Европската Унија за краткорочен престој до 90 дена, во период од 180 дена.
– Предвидено е државјаните на Северна Македонија да аплицираат онлајн, преку официјалната веб-страница на ETIAS или на мобилна апликација. Потребно е барателот да пополни формулар што ќе ги содржи следниве податоци: лични податоци (име, презиме, датум на раѓање); број и вид на патна исправа; планирани датуми и земји на патување и одговор на неколку безбедносни и здравствени прашања – беше наведено во информацијата.
Предвидена е уплата на такса, која за лицата на возраст од 18 до 70 години ќе изнесува 7 евра, а за лицата на возраст под 18 години и над 70-годишна возраст ќе биде бесплатна.
– Одобрението се врши по електронски пат, при што во 95 отсто од случаите, одобрението ќе се издава во рок од неколку минути, а доколку е потребна дополнителна проверка, таа трае до 30 дена – соопшти македонското МНРНТ. (Б. Ѓ.)











