2026 е „транзициска година“ – не толку со голем број нови закони, туку со реална примена на веќе донесените реформи. Фокусот е на пазарот на трудот, поддршката на инвестициите, даноците и на даночната транспарентност
Закон за работно ангажирање лица
Од први јануари почнува примената на Законот за работно ангажирање лица, кој ја регулира областа на сезонското ангажирање и се очекува да влијае на намалувањето на сивата економија. Првпат се применува ваков закон во Македонија и со него ќе бидат опфатени студентите, пензионерите, невработените, самовработените лица, кои може дополнително да заработат без да го загубат бенефитите, и тоа во областите: угостителство, земјоделство и услужни дејности.
Се очекуваат големи придобивки од Законот, а најмногу во намалувањето на сивата економија и во работењето на црно. Ќе има мобилна апликација со која сите работодавци што ќе ги ангажираат овие лица ќе може во моментот да ги пријавуваат и да ги одјавуваат. Со тоа ќе се овозможат дополнителни приноси за луѓето што ќе сакаат дополнително да бидат ангажирани за подобрување на економската состојба и на други придобивки.
Законот предвидува ангажирањето годишно да може да биде од 120 до 180 дена, зависно од дејноста или максимално до 15 дена во месецот.
Закон за финансиска поддршка на инвестициите
По Нова година, стапуваат на сила и измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Со него се прецизираат одредбите и се врши усогласување со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Заради поефикасно функционирање на органите на државната управа и приспособување на современите потреби во некои области, меѓу кои во економијата и пазарот на трудот, се пристапи кон измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Заради конзистентност на правниот систем и доследна примена на законските одредби во однос на надлежностите на ова Министерство утврдени во член 11 со кој се менува членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, потребно е усогласување на овие одредби со одредбите на постојните закони со кои се уредува оваа област.
Закон за ДДВ за становите
Повластената стапка на ДДВ од 5 % за новоизградени станови ќе важи и по 1 јануари 2026 година. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност што беа усвоени во Собранието. Согласно со измените на Законот, рокот на примена на повластената стапка од 5 % на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој се користат тие за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата се продолжува од 1 јануари 2026 година до 31 декември 2028 година.
Согласно со постојниот Закон, беше предвидено повластената стапка на ДДВ од 5 % на новоизградени станови да се применува до 31 декември 2025 година.
Пилот-фаза на електронско фактурирање
Иако не станува збор за закон во строга смисла, реформата за е-фактурирање, која ја спроведуваат Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, ќе има пилот-фаза од 1 јануари 2026 година со цел модернизација на издавањето фактури, подобрување на ДДВ-контролата и намалување на даночните измами.
Обврската за целосно воведување ќе следува подоцна во 2026 година.
(С.Бл.)












