Се работи на подготовка за издавање нова еврообврзница за следната година со цел да се обезбедат средства за сервисирање на еврообврзницата што достасува во 2026 година и што е во износ од 700 милиони евра, соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Тоа ќе биде износ поголем од 700 милиони евра, бидејќи дел од евентуалниот буџетски дефицит за 2026 година, исто така, ќе го финансираме преку еврообврзницата. Најголемиот дел од буџетот во 2025 година го финансиравме преку домашните банки, но сега е време да се насочиме кон меѓународните финансиски пазари – истакна Димитриеска-Кочоска.
Во однос на проектот за изградба на брза пруга што е дел од Коридорот 10, министерката рече дека не е предвидено повлекување средства ниту оваа ниту наредната година. Верува дека ќе има добри понуди од меѓународните финансиски институции.
– Ќе следува анализа на понудите, а потоа ќе има закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски, првите исплати ќе бидат во 2027 година – рече Димитриеска-Кочоска.
За ребалансот на буџетот рече дека е направен со јасна фокусираност на одржување на фискалната дисциплина, поддршка на приоритетните проекти и ефикасно прераспределување на буџетските средства.
Најголем дел од кратењата, како што посочи, се направени во рамките на Владата.
– Обезбедивме дополнителни 800 милиони денари за плати, од кои најголемиот дел се за Министерството за внатрешни работи – 600 милиони денари од буџетската сметка и уште 400 милиони денари од сопствените средства во нивниот буџет. Ова овозможува зголемување на платите во МВР за 10 проценти, во вкупен износ од околу една милијарда денари -0 рече Димитриеска-Кочоска.
Зголемување на средствата над една милијарда денари има и во Министерството за одбрана, како и во Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде што се обезбедени дополнителни 300 милиони денари за невладини организации за услуги за стари и изнемоштени лица.
Во преговорите со надлежните министерства, како што посочи министерката, било инсистирано на конкретни податоци за склучени договори, динамика на реализацијата и на временски рокови. Дополнителни средства, вели, се доделени само таму каде што има реална основа и висок степен на извршување.