– Луѓе од целиот свет се собрани во Охрид за да зборуваат македонски. Со македонистиката, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се согласуваат или стануваат дел од нас многу филолози, лингвисти, македонисти… – истакна, меѓу другото, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на вчерашното отворање на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“, која се одржува во Охрид, до 28 август.
Шеесетина македонисти и слависти од 17 држави, семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Италија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република се во Охрид за да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонските јазик, литература и култура. Меѓу нив и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници, културолози и книжевни преведувачи, но и нови „посветеници“ на македонистиката, кои искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонските јазик, литература и култура во светот.
Сиљановска-Давкова посочи и дека во 21 век, науката мора да се темели врз докази: „Затоа го кренав Абецедарот и постојано велам, ако има сто години од Абецедарот печатен во Атина, кој го побара и кој го доби тоа во Грција – Лигата на народите. Отворете го Абецедарот и прочитајте внатре – јасно е“.
Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, рече дека македонскиот јазик е еден од 230 кодифицирани јазици на лингивистичката мапа на светот.
– Негирањето на македонскиот јазик е, пред сè, проблем на оние што го негираат. Тој постоел и постои… Со целиот свој научен потенцијал, УКИМ бил и ќе биде поддршка на сè она поврзано со македонскиот стандарден јазик. Со сите свои активности, со лекторатите, Меѓународниот семинар, со Меѓународната конференција, УКИМ јасно покажал дека стои и ќе стои зад сето она што значи промоција на македонскиот јазик надвор од границите на нашата држава – рече таа.
За директорката на Семинарот, Кристина Николовска, лекторатите по македонски јазик, литература и култура на УКИМ претставуаат институции од врвен национален и интернационален приоритет. Според неа, најголема потврда за македонскиот јазик е афирмацијата на македонистиката, домашна и странска, особено онаа река од седум илјади македонисти низ светот што постојано се шири и афирмира и ги носи основните постулати на Светиклиментовата Охридска книжевна школа.