Гувернерот Трајко Славески нема информација за евентуалните нови владини мерки за стабилизирање на цените во маркетите, но смета дека секој потег што е одржлив на среден и подолг рок од страна на носителите на фискалната политика, е добредојден и ѝ помага на Народната банка во одржувањето стабилност на цените, односно ниска и стабилна инфлација.
Според Славески, од февруари не е зголемена основната каматна стапка на благајничките записи и таа моментно изнесува 5,35 проценти.
-Ние скоро имавме одлука од Извршниот одбор за претпазливост. Од февруари не е зголемена основната каматна стапка на благајничките записи и во моментов изнесува 5,35 проценти. Ги следиме потезите на Европската централна банка зашто нашиот девизен курс е врзан за еврото и таа ги намали во неколку наврати, но и таму има забележителни притисоци за инфлацијата иако е пониска. Ние остануваме со оваа поставеност на монетарната политика од аспект на основната каматна стапка, но правиме анализи, имаме и други инструменти како задолжителната резерва и т.н. макропрудентни мерки со кои може благо да се делува во една или друга насока, зависно од притисоците во движењето на стапката на инфлација. Како што забележавме од податоците во јуни, единствено се сега концентрирани на домашните фактори, домашната побарувачка која пртиска на растот на цените и на цените на храната. За мерките за цените немаме инфомрација, најверојатно Владата и министерствата за финансии и економија ги прават проценките, но секој потег што е одржлив на среден и подолг рок од страна на носителите на фискалната политика, е добредојден и ѝпомага на Народната банка во одржувањето стабилност на цените, односно ниска и стабилна инфлација, подвлече гувернерот.