Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари работна посета на Банката на Англија во Лондон, заради засилување на билатералната соработка и за размена на експертски искуства со една од најстарите и најзначајни централни банки во светот. Во текот на посетата, гувернерот Славески оствари повеќе работни средби со високи претставници на Банката на Англија, меѓу кои и со гувернерот Ендрју Бејли.
– Особено значаен дел од агендата беа активностите поврзани со управувањето со златните резерви. Во тој контекст, беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува резервите во монетарно злато, заради подобро запознавање и увид во оперативните процедури за чување и ракување со монетарното злато, сигурносната заштита и во можностите коишто Банката на Англија ги нуди за пристап до пазарот за злато во Лондон, како најголем светски пазар преку шалтер на овој благороден метал – информираа од Народната банка.

Гувернерот одржа и работни средби со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил, и со заменик-гувернерката Сара Бриден. На средбите се разговараше за актуелните предизвици во спроведувањето на монетарната политика и за технолошките иновации во секторот на финансии.
Секоја држава си има свои залихи на монетарно злато. Тоа е злато во форма на шипки (златни прачки) или плочи со висока чистота (обично над 995/1000) и е во сопственост на централни банки, монетарни власти или меѓународни финансиски институции (како ММФ). Монетраното злато се користи како дел од девизните резерви на една држава. Податоците на Народната банка покажуваат дека Македонија има монетарно злато во вредност од 647,8 милиони евра, што е 13,6 проценти од вкупните девизни резерви. Според податоците на Светскиот совет за злато, Македонија има 6,9 тони монетарно злато.
(С.Бл.)












