Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по повод Светскиот ден на штедењето.
Тој нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
– Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат – рече Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните се задржани склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем.
Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50 % од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици.
Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и на долгорочната стабилност.
– Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност – истакна Славески.
Тој додаде дека негувањето на културата на штедење и на финансиска одговорност во рамките на семејствата, институциите и на општеството е вложување не само во личната сигурност туку и во економската сила на државата.












