– Со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства и да реализираат заеднички археолошки истражувања – кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на Скупи. Заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, пак, посочи дека соработката ќе се базира на научни истражувања, кои потоа ќе бидат достапни за сите заинтересирани за локалитетот

 

Археолошкиот локалитет Скупи во наредниот период ќе се истражува во партнерство со Германскиот археолошки институт. Денеска беше потпишан меморандум помеѓу Министерството за култура и туризам и оваа реномирана научна институција со долгогодишна традиција и светски признати резултати во областа на археологијата. Како што посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства и да реализираат заеднички археолошки истражувања.

– Археологијата е значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и претставува непроценливо наследство за идните генерации. Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство, бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Особено е важно што денеска е заокружена интензивната комуникација со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија, со документ што ќе овозможи размена на искуства, знаења и на методологии на еднакво партнерско ниво – додаде Љутков.

Тој, исто така, истакна дека овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст.

Соработката, како што вели Љутков, ќе придонесе и за развој на културниот туризам, како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, а со тоа археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – не само како научни туку и како туристички атракции што ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот.

Вчера беше потпишан и вториот документ, од страна на Музејот на Град Скопје и директорот Панче Велков со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, со што започнуваат првите конкретни чекори кон остварување и проширување на оваа долгорочна соработка.

– Убеден сум дека ова партнерство ќе донесе значајни резултати, нови научни сознанија, унапредени стандарди во археолошките истражувања и поголема меѓународна промоција на нашето културно наследство – кажа Љутков.

Заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, пак, посочи дека соработката ќе се базира на научни истражувања, кои потоа ќе бидат достапни за сите заинтересирани за локалитетот.

– Се радуваме за нашите заеднички активности на овој локалитет, кој има многу скриени нешта во земјата, кои сакаме да им ги обелодениме на луѓето и да ги изградиме капацитетите на Скупи – истакна Вертер.

Инаку, Скупи е древен град и археолошко наоѓалиште од римско и од доцноантичко време, лоциран на 5 км северозападно од Скопје, во непосредна близина на селото Злокуќани. Приградските објекти и некрополите, пак, се простираат на поширок простор. Ова наоѓалиштето е познато уште од крајот на 19 век. Во 1883 год., англискиот истражувач Артур Еванс престојувал во Скопје и ги регистрирал римските бедеми на Зајчев Рид, кои ги објаснил како остатоци од акрополата на Скупи. Со археолошки ископувања на наоѓалиштето Скупи било започнато инцидентно, пред Втората светска војна. Музејот на Град Скопје, како имател на наоѓалиштето, започнал со систематските археолошки истражувања во 1966 год., кои, со помали прекини, континуирано се извршуваат до денес. Досега се целосно или делумно истражувани: бедемите, театарот, цивилната базилика, градската вила, градската бања, улицата Кардо, христијанската базилика, делови од источната и од западната некропола. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ