Според податоците на Туристичката организација на Војводина, Југоленд зафаќа површина од околу 2,5 хектари и официјално е основан во 2003 година, на приватна парцела, според идејата на Блашко Габриќ и група истомисленици, кои не сакале да дозволат „името Југославија да биде избришано без референдум, по 80 години постоење“. Знамето со петокрака сè уште се вее на ова место, а паркот е полн со симболи на поранешна Југославија и со ликови од нејзината историја. Оваа „мини Југославија“ привлекува луѓе од цела Србија, но и од другите земји од поранешна Југославија и од дијаспората, особено кога се слават големите празници на поранешната држава
Во Србија на север, веднаш до Суботица, изграден е тематски парк наречен Југоленд, со амбиција да стане место каде што оживуваат сеќавањата на стариот заеднички југословенски простор преку скулптури, симболи, манифестации и секојдневни активности.
Според податоците на Туристичката организација на Војводина, Југоленд зафаќа површина од околу 2,5 хектари и официјално е основан во 2003 година, на приватна парцела, според идејата на Блашко Габриќ и група истомисленици, кои не сакале да дозволат „името Југославија да биде избришано без референдум, по 80 години постоење“, пишува „Нова“.
Се чини дека има многу како нив, па оваа „мини Југославија“ привлекува луѓе од цела Србија, но и од другите земји од поранешна Југославија и од дијаспората, особено кога се слават големите празници на поранешната држава, како што се 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, 25 Мај – Денот на младоста, 29 Ноември – поранешниот Ден на Републиката…
Знамето со петокрака сè уште се вее на ова место, а паркот е полн со симболи на поранешна Југославија и со ликови од нејзината историја. Секако, постои скулптура на Јосип Броз Тито во природна големина, поставена како еден од центрите на колективната носталгија. Оваа реплика на најпознатата биста на Тито, која се наоѓа во Кумровец, Хрватска, ја направи уметникот Фрањо Мачковиќ бесплатно, а во паркот се поставени и негови скулптури на Александар Караѓорѓевиќ и на војводата Живојин Мишиќ.
Познатиот црвен киоск е детаљ поради кој на сите им „замирисува“ на „некое поубаво време“. Во овој парк, минатата година слета воениот авион „соко јастреб Ј‑21“, кој остана таму како вреден експонат.
Во Југоленд има и „мини Триглав“. Тоа е рид висок околу 12 метри, кој основачите го направиле како реплика на словенечката планина.
Паркот е уреден со повеќе од 3.000 дрвја и со информативни табли што ги означуваат видовите дрвја и даваат интересни факти, а програмите како што се „Екославија“ (фестивал на екологија и антифашизам), Денови на хуманоста, Собир на Југословените од сите републики, „Со велосипед до почист воздух“ и слични кампови, фестивали, собири го прават Југоленд не само статичен музеј во природа туку и единствена комбинација од носталгија, симболика и од општествен ангажман.