Град Скопје презема активности чија цел е да му се врати достоинствениот изглед на централното градско подрачје.
Се става акцент, како што истакнуваат градските власти, на местата што со години биле занемарени и оставени без основно одржување.

– Со засилен ангажман и со координација на сите градски служби, започнати се интервенции со кои се враќаат функционалноста, безбедноста и убавината на просторот што секојдневно го користат илјадници граѓани и посетители. На плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време беа оставени на забот на времето повторно ги враќаме во функција, а пристапните патеки, конечно, ќе престанат да бидат предизвик и мачнина за граѓаните – соопштија од Град Скопје.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, наведе дека со тоа се враќа сјајот на Скопје.
– Деновиве интензивно се работи на сите страни во градот. Го средуваме она што беше запоставено со години, а требаше да се одржува секојдневно, затоа што Скопје го заслужува најдоброто. Го правиме тоа за нас, но и за сите гости што секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град – нагласува Ѓорѓиевски.












