„Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“ е насловот на меѓународната групна изложба со жени – уметнички од Македонија, Грција, Србија и Кипар, која се остварува во соработка на Националната галерија на Македонија со галеријата „Art Project Space“ од Атина.

Изложбата, најнапред на 13 мај, ќе биде отворена во атинската галерија „Art Project Space“ и ќе трае до 6 јуни. Во октомври, изложбата ќе биде презентирана и пред македонската публика, а делата ќе бидат изложени во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од 2 до 25 октомври. Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија и независната историчарка на уметност од Грција, Ники Папаспиру.

-Изложбата се развива долж имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталација, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет, посочуваат од Националната галерија.

Учеснички уметници се: Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.

-„Скриеното трето“ претставува проширување на проектот Присутност/Отсутност, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Инспирирана од теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана и повеќеслојна реалност, изложбата го третира „скриеното трето“ како средишна сфера на постоење каде спротивставените поими коегзистираат и се трансформираат: присутност/отсутност, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно, додаваат од Националната галерија.

ИЗДВОЕНИ