Скриени пораки пред историскиот состанок на Алјаска: Лавров дојде со маица со натпис „СССР“, Трамп напиша „високи влогови“

368

„Високи влогови!!“ напиша со големи букви американскиот претседател, Доналд Трамп, на својата социјална мрежа „Трут соушл“ вчера, само неколку моменти пред да полета за Алјаска, на историскиот состанок со рускиот претседател, Владимир Путин, на разговори за завршување на војната во Украина.

Силна, иако скриена порака, дојде и од руската страна. Додека Путин тргнуваше за Алјаска, неговиот министер за надворешни работи веќе пристигна таму и им даде кратка изјава на новинарите, облечен во црн елек и бела блуза на која на кирилица пишуваше „СССР “, објави Си-ен-ен. СССР – Сојуз на Советските Социјалистички Републики беше федерација составена од 15 републики, меѓу кои и Украина, со главен град Москва. Со распадот на СССР во 1991 година, беа создадени независни држави, а геополитичката карта на светот значително се промени. Застанувајќи во Енкориџ пред новинарите со маицата со натпис „СССР“, Лавров кусо изјави дека Москва ќе му претстави „јасна и разбирлива позиција“ на американскиот претседател, Доналд Трамп, на самитот со рускиот претседател, Владимир Путин. Видеото од неговото пристигнување на Алјаска се прошири на социјалните мрежи, при што многу корисници коментираа дека станува збор за форма на провокација.

– Лавров се појави на Алјаска облечен во џемпер со натпис СССР. Многу охрабрувачки за 14. соседи на Русија – се вели во описот на една од снимките на „Икс“.

Според Кремљ, во делегацијата што го придружува Путин, освен Лавров, се и помошникот на претседателот – Јуриј Ушаков, министерот за одбрана – Андреј Белошов, министерот за финансии – Антон Силуанов и раководителот на Рускиот фонд за директни инвестиции – Кирил Дмитриев, познат по блискоста со семејството Путин и по улогата на поврзувач на Кремљ со меѓународните бизнис-кругови. Трамп го придружуваат државниот секретар – Марко Рубио, министерот за финансии – Скот Бесант, министерот за трговија – Хауард Лутник, специјалниот пратеник Стив Виткоф, портпаролката на Белата куќа – Керолин Левит, директорот на ЦИА – Џон Ратклиф, шефот на кабинетот – Сузи Вајлс и заменикот Ден Скавино.

Делегациите на двајцата претседатели пристигнаа ден пред состанокот, а она што ги дочека во Енкориџ, најголемиот град на Алјаска, оддалечен 30 минути возење од местото на состанокот, воената база база Елмендорф-Ричардсон, не беше пријатно. Низ Алјаска беа организирани 16 протести поради средбата Трамп – Путин. Во Енкориџ се собраа неколку стотини луѓе со украински и со американски знамиња во рацете. Медиумите пренесуваат изјава на 53-годишен жител на Алјаска, инаку воен ветеран, Кристофер Келихер, кој вели: „Одвратно е… Путин не треба да е во нашата држава, а имаме идиот во Белата куќа, кој ќе му се додворува“.

– Живееме поблиску до Русија отколку до Вашингтон. Ако претседателот не удри со тупаница по маса, би можеле да бидеме следната Украина – им рече на новинарите Расел Вилсон од Енкориџ.

Со Путин патуваат и телохранители, кои му го собираат изметот во куфери

Меѓу луѓето што го придружуваат Путин на Алјаска се и супериздржливи телохранители наречени „мускетари“, секогаш облечени во исти црни костуми и со идентични очила за сонце. Тие се дел од Федералната служба за заштита на претседателот.

Оваа единица е обучена да издржи во најтешки психолошки услови, но во нејзините должности има и една повеќе од бизарна. „Бизнис-инсајдер“ и „Економист“ пишуваат дека тие со себе носат куфери во кои ги собираат изметот на Путин и неговата урина. Ова, наводно, се прави за да се спречи странските служби да го анализираат неговото здравје. Според „Пари мач“, ова се прави уште од најраните години од владеењето на Путин.

Освен куферите во кои го собираат биолошкиот материјал, тие носат и балистички чадори, најверојатно составени од комбинации на кевлар – јак синтетички материјал, ултрависокомолекуларен полиетилен и титаниумска рамка.

ИЗДВОЕНИ