На скопското Кале, кое е под надлежност на Управата за заштита на културното наследство, денеска беше спроведена акција за теренско расчистување, која според надлежните е дел од планот за ревитализација на овој историски симбол на градот.
– Скопското Кале, симболот на нашата култура, историја и традиција последните десетина години беше девастиран, обраснат со вегетација и не му се обрнуваше никакво внимание. Како Министерство за култура и туризам и Управа за заштита на културното наследство, до Градот и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ испративме неколку дописи да помогнат во чистењето, но не добивме никаков одговор. Затоа реагиравме до Заедница на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), од каде ја прифатија иницијативата, посочи при вчерашната посета на скопското Кале, министерот Љутков. Тој додаде дека пред неколку месеци со директорката на Управата го посетиле Калето и дека двата изградени музеи се во многу лоша состојба, при што посочи дека ќе биде потребно комплетно обновување на внатрешната инфраструктура и климатизација.
„Направивме комплетен план и со ребалансот на буџетот, обезбедивме 8 милиони денари кои ќе бидат искористени до крајот на годината и веднаш ќе распишеме јавна набавка за поправка на овие објекти. Целиот овој огромен проект во 2026 година ќе треба да биде пуштен во употреба. Целта е во 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата, овој простор да биде еден од најискористените“, додаде Љутков.
Весела Честоева, директорката на Управата за заштита на културното наследство, институција која е и инвеститор на музеите на скопско Кале (праисторискиот и отоманскиот), на кои треба да почнат градежните активности, посочи дека е подготвена техничката спецификација и во наредниот период се чека во службен весник да биде објавен ребалансот на буџетот, по што ќе биде распишан и тендерот и ќе може да се започне со работата.
„Управата до крајот на годината ќе ги заврши овие два инфраструктурни проекти и ќе ги стави во функција“, рече Честоева.
Орце Ѓорѓиевски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела
Вода, пак, посочи дека скопското Кале е еден од главните симболи на градот.
„Од Кале се гледа во каква состојба е градот и тоа говори како ние си ја третираме историјата. Преку практични примери треба да покажеме како треба да го сочуваме она што е наше наследство и симбол“, додаде Ѓорѓиевски, кој посочи дека во лоша состојба се и голем број други историски симболи на градот, кои по изборите вети дека ќе добијат посебен третман.
Инаку, трите музеи на скопската тврдина, за праисторискиот, отоманскиот и средновековниот период, чија изградба започна во 2011 година, не се во употреба. Целосно изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот период се целосно запуштени, видливи се и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на предмети од средновековниот период, кој не е дограден, беше целосно обраснат од вегетација. (Д.Т.)