– Веќе од пролет планираме да преселиме голем дел од културните настани на скопското Кале, кое ќе биде отворено напролет, а понатаму тоа ќе се однесува и на Аквадуктот и на археолошкиот локалитет Скупи. Скопското Кале, кое е расчистено, е веќе во завршна фаза. Останува Град Скопје да одлучи како ќе го презентира. Во однос на Универзална сала, процесот тече, така што се прави евалуација на пристигнатите понуди за идниот изведувач и за стручниот надзор. Се надевам дека комисијата ќе донесе одлука за неколку дена. Во моментов чекаме одобрување за градба, а кога ќе заврши целата евалуација, ќе можеме да започнеме да градиме, бидејќи имаме издвоено средства во буџетот – истакнува министерот за култура и туризам, Зоран Љутков

Манифестацијата „Скопје – европски град на културата за 2028“, очигледно, ги забрза работите кога е во прашање враќањето во живот на објектите во Скопје што долги години беа надвор од употреба, запоставени или целосно заборавени од власта. Скопското Кале, Аквадуктот и Скупи, како и Универзална сала, симболи на градот, до неодамна ги преживуваа најтешките моменти од своето постоење. Скопското Кале со години беше обраснато со трева, а музеите на овој простор – недовршени. Скопјани, па и самите туристи, многу ретко го посетуваа овој историски локалитет, кој, всушност, треба да претставува гордост на градот и една од главните туристички атракции, со оглед на тоа што се наоѓа во централното подрачје. Иста беше ситуацијата и со локалитетот Скупи, кој беше „заборавен“, но и со Аквадуктот, кој и буквално почна да се нагрдува и руинира со вадењето тули од несовесни граѓани, но и од временските услови, а поради несоодветна заштита. Посебна приказна е и Универзална сала, која беше место за сите видови културни настани, сè до затворањето во 2015 година. Делумните реконструкции што се правеа потоа, последните години целосно беа стопирани. Овој култен објект остана руиниран, а во април 2024 беше речиси целосно уништен при пожарот што избувна на покривната конструкција. Во 2025 година, ингеренциите врз Универзална сала беа пренесени на Министерството за култура, според кое се обезбедени средства за целосна реконструкција на објектот, кој треба да биде завршен до 2027 година.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во телевизиско гостување посочи дека културата летово ќе се пресели и на скопското Кале, а потоа и во Скупи и кај Аквадуктот, а најави и дека работите на Универзална ќе се одвиваат со забрзано темпо.

– Во однос на Универзална сала, во моментот процесот тече така што се прави евалуација на пристигнатите понуди за идниот изведувач и за стручниот надзор. Се надевам дека комисијата ќе донесе одлука за неколку дена. Ова е сложен процес. Ако досега тендерската документација била, да речеме, во три фази, на пример, едната фасада, другата сценска технологија и третата ентериер, сега направивме ревизија на целиот проект. По пожарот ги видовме сите недостатоци што ги имаше. Направивме ревидирање, нова звучна изолација, го вклучивме и ентериерното уредување, кое не беше вклучено во претходниот проект, како и партерното уредување. Во моментов чекаме одобрување за градба, а кога ќе заврши целата евалуација, ќе можеме да започнеме да градиме, бидејќи имаме издвоено средства во буџетот. Се работи за проект „клуч на рака“, а тој што ќе биде избран ќе биде изведувач до крајната фаза. Затоа овој процес на одлука е подолг и пообемен – посочува Љутков.

Во однос на обезбедување на квалитетот и безбедноста по изградба тој истакна дека е работено на неколку нивоа.

– Во однос на безбедноста, направени се ревизија на проектот и нова анализа на состојбата на објектот. Распишавме тендер за статусот во кој се наоѓа по пожарот. ИЗИС направи анализа и ги видовме сите забелешки и недостатоци и сè е вметнато во новата проектна документација. По завршувањето на фасадата, ќе следува уште едно испитување, како и по завршувањето на објектот. За да бидеме сигурни дека сè ќе биде според законот и правилата, како Министерство, ангажиравме и управител на градба, кој ќе ги следи и надзорот и изведувачите и ќе добиваме информации на неделно ниво до каде е процесот – посочи Љутков.

Тој додаде дека е многу важно да се вратат музичките фестивали во Универзална и да им се даде простор на младите креативни луѓе, но и на странските музички имиња и театарски изведби. Инаку, капацитетот на Универзална сала, кој бил 1.500 седишта, сега е намален на 1.200 бидејќи ќе се прави и проток за публиката.

Во однос на локалитетите во Скопје и непосредната близина, Љутков истакна дека, по долга запуштеност, веднаш е започнато со нивно расчистување и нивно опремување.

Приоритети ќе бидат скопското Кале, археолошкиот локалитет Скупи и Аквадуктот. Скопското Кале ќе биде отворено веќе напролет. Имаме одлична соработка со градоначалникот, па скопското Кале, кое е расчистено, е веќе во завршна фаза. Останува Град Скопје да одлучи како ќе го презентира. Од пролет планираме да преселиме голем дел од културните настани на скопското Кале, а понатаму тоа ќе се однесува и на Акведуктот и на археолошкиот локалитет Скупи – истакна министерот Љутков. (Д. Т.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ