Пивара Скопје го претстави првото пченично пиво создадено во Македонија – „скопско вајс“, збогатувајќи ја домашната понуда со уште едно пиво со врвен квалитет и so специфичен вкус, кое ќе биде препознатливо по својот автентичен македонски потпис.
Како што беше нагласено на претставувањето, пивото е создадено со внимателно избрана комбинација од врвен пченичен и јачменов слад, збогатена со хмељ од благородни сорти и суптилни овошни ноти, карактеристични за оваа категорија пива.
– Со „скопско вајс“ отвораме ново поглавје во развојот на пивската култура во Македонија. Сакаме да им понудиме на потрошувачите пиво што носи свежина, автентичност и современост, создадено со мајсторство и страст – изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје.
Александар Бојаџиски, директор на производство на пиво во Пивара Скопје, истакна дека е креирано пиво што може да стои рамо до рамо со големите пченични пива во светот, а истовремено да ги носи препознатливата автентичност и квалитетот на „скопско“. Марта Завкова, менаџерка за маркетинг на пиво, рече дека новиот производ од денес ќе биде на рафтовите во маркетите и дека наскоро ќе биде достапен во пакување од 0,5 литри во стаклена амбалажа и во лименка, како и точено во низа ресторани и кафулиња во целата земја.
(С. Бл.) – Фото: (П. С.)