Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, на првите три места со најголеми загуби во земјава лани биле три скопски јавни претпријатија: „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“. Само скопски „Водовод“ имал загуба од 4,2 милиони евра,  „Улици и патишта“ од 2,6, а „Комунална хигиена“ од 1,2 милиони евра. Во државава има 128 претпријатија на локално ниво кои ја завршиле 2024 година со вкупна загуба од 17 милиони евра

 

Половина од локалните јавни претпријатија во земјава ја завршиле  2024 година со загуба. Притоа, вкупниот износ на загуби изнесува 17 милиони евра. Ова го покажале резултатите од истражувањето што го спровел Центарот за граѓански комуникации. Вкупните загуби само на првите 10 претпријатија со најголеми негативни финансиски резултати изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77 % од вкупните загуби.

Според истражувањето, на првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија: „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“.

Само скопски „Водовод“ има загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ од 2,6 милиони евра, а „Комунална хигиена“ од 1,2 милиони евра. На четвртото и на петтото место се две битолски претпријатија, „Водовод“ со еден милион евра и „Комуналец“ со 960.000 евра, на шестото место, исто така, е скопско јавно претпријатие, а тоа е „Паркови и зеленило“ со  944.000 евра, потоа следуваат комуналните претпријатија „Водовод“ од Кочани со загуба од 902.000 евра, „Дервен“ од Велес со 600.000 евра, „Охридски комуналец“ со 597.000 евра и „Водовод и канализација“ од Прилеп со загуба од 462.000 евра.

Лани загубите на локалните јавни претпријатија биле зголемени во однос на 2023 година за дури 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години бил зголемен и бројот на претпријатија што работеле со загуба, и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката е зголемена. Во 2024 година, вкупната добивка изнесувала околу 5,4 милиони евра, што е за 24 % повеќе од 2023 година.

Уште поголеми од загубите се долговите на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски.

– Според нивните завршни сметки, дури 126 од 128 локални јавни претпријатија имаат долгови што вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра. Најголеми долгови има истото претпријатие што има и најголема загуба, односно скопски „Водовод и канализација“. Само ова претпријатие има краткорочни обврски од 53,3 милиони евра. Следно е, исто така, скопско јавно претпријатие, а тоа е јавното сообраќајно претпријатие  „Скопје“ (ЈСП), кое има долгови од речиси 17 милиони евра. Со долгови од по речиси 10 милиони евра се кумановски „Водовод“ и гостиварски „Комуналец“, а на петтото место, со долгови од 8 милиони евра, се наоѓа скопска „Комунална хигиена“. Првите десет претпријатија со најголеми долгови заедно должат 40 % од вкупните долгови на сите претпријатија, а долгот на првите 20 најзадолжени претпријатија изнесува 53 % од вкупните долгови – информираат од ЦГК.  

Истражувањето покажало дека 41 претпријатие имаат блокирана банкарска сметка. Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос се 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада, имаат три скопски локални претпријатија: „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски „Исар“. Во 2024 година, бројот на вработени во ЈП изнесувал 12.009, што е за 171 вработен (1,4 %) помалку од 2023 година, односно 462 вработени (3,7 %) помалку од 2022 година.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ