Скопскиот градоначалник повлече нога со отпуштањата на непотребните административци, државата чека на нови закони: ДОАЃА ЛИ КРАЈОТ НА „ЗЕМИ ПЛАТА, НЕ МОРАШ НИ ДА ОТВОРАШ ВРАТА“?

Од градската каса на Скопје веќе нема да се трошат годишно по околу милион евра за вработените по градски јавни претпријатија кои речиси воопшто не доаѓале на работа. Ова е резултат на првите потези што деновиве почна да ги влече новиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, со цел да се подобри работењето на виталните претпријатија поради чија неефикасност градот беше затрупан со ѓубре и речиси нефункционален. Првите потези на новиот градоначалник се насочени кон ослободување од оние што само редовно примале плати, а не работеле ништо. Тоа го повлекува прашањето кога и во државниот јавен сектор ќе се утврди оправданоста на бројни институции и административни работни места кои се товар на државната каса. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој во изминатиот период во неколку наврати изјавуваше дека имаме прекубројна и неефикасна администрација, вчера не одговори на нашето прашање до каде е процедурата за донесување на сетот закони за намалување на буџетските корисници за 40 отсто. Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека е посебно важно донесувањето на законот за организација и работа на органите на државна управа за да се утврди кои сè институции ни се непотребни. Вели дека тоа е сложена работа која ќе бара подолго време. Според него, основно е да се дефинира надлежноста на министерствата и да се спојат некои други институции кои сега имаат слични надлежности. Само така ќе се дојде до вистинска реформа и намалување на административниот апарат во државата.

96

Од градската каса на Скопје веќе нема да се трошат годишно по околу милион евра за вработените по градски јавни претпријатија кои речиси воопшто не доаѓале на работа. Ова е резултат на првите потези кои што деновиве почна да ги влече новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски со цел да се подобри работењето на виталните претпријатија поради чија неефикасност градот беше затрупан со ѓубре и речиси нефункционален. Првите потези на новиот градоначалник се насочени кон ослободување од оние што само редовно примале плати, а не работеле ништо. Веќе во првиот ден од својот мандат Ѓорѓиевски отпушти 371 вработен, а во понеделникот соопшти дека се отстранети околу 500 вработени.

– Од работа се отстранети 500 лица од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години. На годишно ниво тоа е пет милиони евра, а за четири години околу 20 милиони евра. Толку чини новиот лунапарк. Веќе се консултирав со правните тимови кои ќе работат на тоа овие средства да бидат вратени  и да има одговорност од директорите и раководителите на секторите – најави новиот градоначалник.

На ова дојде и одговор од неговата претходничка во градоначалничката канцеларија, Данела Арсовска, која го обвини дека со отпуштањата прави места за свои партиски војници.

– Со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. Три години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка за да направиш место за своите партиски војници – објави Арсовска на социјални мрежи повикувајќи го нејзиниот наследник на телевизиски дуел.

Вишоци на општинско и државно ниво

Како и да е, во градските јавни претпријатија почна процес на промените при што прв удар е насочен кон намалувањето на превработеноста во нив. Со години наназад, за овие претпријатија се зборува и се тврди дека имаат преголем број вработени, но и премалку оперативни работници како чистачи, мајстори, возачи… Уште пред седум години, тогашниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, јавно кажа дека во градските претпријатија има вишок од дури 1.200 административци – во ЈСП „Скопје“, во „Градски паркинг“, „Комунална хигиена“… Но, тој вишок си остана, а во меѓувреме бројот на вработените само се зголемуваше најмногу како резултат на вработувањата на партиските активисти по секои избори. Па така, сега се наведува дека во ЈКП „Комунална хигиена“ до отпуштањата имало околу 1.800 вработени иако податоците на МИОА за 2023 година покажуваат бројка од 1.026. Според податоците на ова Министерство за информатичко општество и администрација на крајот од прекланската година во „Водовод и канализација“ имало 1.121 вработен, во ЈСП „Скопје“ – 1.142, „Паркови и зеленило“ – 506, „Улици и патишта“ – 244… Не малку вработени при што главен проблем беше што речиси две третини од нив се административци кои што не можела да бидат прераспределени на теренски работни места бидејќи се заштитени со законските одредби.

Оттаму, отпуштањата дојдоа како нужен потег за да почнат промените со цел да се трансформираат овие претпријатија за да бидат функционални за градот. Но, истовремено, отпуштањето на околу 500 административци го повлекува и прашањето што е со вишоците на вработените во ешалоните на државниот јавен сектор за кој со години се тврди дека е преголем, со прекубројни вработени и неефикасен. А тој државен јавен сектор воопшто не е мал бидејќи на крајот на прекланската година изнесувал 128.879 вработени распределени во 1.371 државна институција. При ова, во земјава има дури 161 институција со еден до десет вработени и 16 кои воопшто немаат вработени, туку само директор… Напоредно со ова, со години веќе бројот на членовите во Управните и во Надзорните одбори на локално и на државно ниво се движи од 1.000 до 1.300 членови, и кои за тоа добиваат месечни парични надоместоци, вкупно чинејќи илјадници и илјадници евра… И министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во изминатиот период јавно изјавуваше дека имаме прекубројна и неефикасна администрација.

– Превработеноста не е главниот проблем во јавниот сектор, иако морам да кажам дека е на високо ниво. Клучниот проблем е недоволната компетентност, недоволната стручност, непрофесионализмот и незнаењето поради кое не може да се даваат квалитетни услуги на граѓаните. Потребна е внатрешна преедукација во секоја јавна институција, односно обука на јавните службеници, изјави министерот Минчев во октомври најавувајќи и намалување на бројот на членови на управните и на надзорните одбори, но и на бројот на државни институции.

Како што објасни тој, целта е да се намали бројот на буџетските корисници за цели 40 проценти. А за тоа биле посебно важно донесувањето на неколку закони какви што се закони за висока раководна служба, за плати и, посебно, закон за  организација и работа на органите на државната управа. На сите овие закони се работело. Министерот Минчев вчера остана недостапен за нашето новинарско прашање до каде е работата на изготвувањето на овие закони кои треба да водат кон намалувањето на административниот апарат во државата.

Со години ќе се чека на закон и на примената

Од друга страна, правните експерти укажуваат дека посебно е важно донесувањето на законот за организација и работа на органите на државна управа за да се утврди кои се институции ни се непотребни. Универзитетскиот професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски вели дека тоа е сложена работа која ќе бара подолго време.

– Она што е основно за изработката на вакво законско решение е претходно да се направи функционална анализа за постојната состојба, за преплетени надлежности на институциите, нивните прекубројни надлежности за сè и сешто. Видовте и сами околу ужасниот пожар во Кочани, кои се и какви институции биле надлежни за сè и сешто, а никоја конкретно. Таа анализа ќе каже колку од 1.371 државна институција треба да се укине и што да се прави со нивните вработени. Основно е да се дефинира надлежноста на министерствата и да се спојат некои други институции кои сега имаат слични надлежности. Само така ќе се дојде до вистинска реформа и до намалување на административниот апарат во државата – објаснува Давитковски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, без донесувањето на ваквиот закон со кој ќе се определи колку државни институции да има, тешко може да се очекува некакво драстично намалување на државните административци.

– Проблемот е само во тоа што на тој системски закон, кој во парламентот треба да се донесе со двотретинско мнозинство ќе се чека со години, а потоа и со примената. Но, треба што поскоро, оти е многу важен. Впрочем, треба да видиме и што ќе се случува по отпуштањата во скопските јавни претпријатија, дали ќе има нови примања на партиски кадри или вистинска рационализација? – укажува Давитковски.

И министерот Минчев досега изјавуваше дека „отпуштањето на вработените во јавната администрација, сега-засега, не е опција“.

– Наместо отпуштање ќе се работи на нивна реедукација. Вработените ќе останат на работа, но мора да се случи еден паралелен процес на реедукација во рамките на самите институции. Ние не можеме да се доведеме до ситуација некој да седи во јавна администрација, да зема плата, а не ги исполнува своите работни задачи зашто тоа, пак, предизвикува револт кај тие што работат деноноќно, ги извршуваат сите работи, а земаат иста плата со овие што не ги исполнуваат своите работни задачи – изјави во септември министерот Минчев. (Б. Ѓ.)

За седум години биле формирани 80 нови државни институции

Од податоците на Министерството за јавна администрација за период од 2016 до 2023 година се гледа дека за седум години имало значително зголемување на бројот на државни институции. Така, во 2016 година имало 1.291 институција со 129.653 вработени во јавниот сектор. Седум години подоцна, имало 1.371 институција (17 повеќе отколку во 2022 година) и во кои работеле околу 128.879 вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека во седумгодишниот период имало 80 нови јавни институции.

 

ИЗДВОЕНИ