Поранешниот југословенски пазар нуди 13.165.258 седишта на редовни летови оваа зимска сезона во 84.633 операции, од нив, преку половина милион се на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Според анализата на порталот „Екс ју авиејшн“, аеродромот во Скопје, заедно со белградскиот „ Никола Тесла“, ќе забележат најсилен пораст во целиот регион на поранешна Југославија во текот на зимската сезона 2025/26, која започна денеска и ќе трае до 27 март 2026 година.

Главниот двигател на експанзијата во Скопје е авиокомпанијата „Визер“, која значително го зголемува своето присуство. Само оваа авиокомпанија ќе го зголеми капацитетот на скопскиот аеродром за импресивни 453.636 седишта. „Визер“, исто така, го поттикнува порастот на неколку помали аеродроми во поранешна Југославија оваа зима, вклучувајќи го и охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.

Од скопскиот аеродром ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа авиокомпанијата „Фрибрд“. Од аеродромот„ Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.

Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации, а 9 од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата „Визер“, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат од денеска, како и воздушната линија од Охрид до Базел. Утре, пак, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден, на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, „Визер“ ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка. На 30 март 2026 година, аеродромот „Св. Апостол Павле“ од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопје до Женева, која „Изи џет“ ќе ја врати на 3 ноември.

Од „ТАВ Македонија“ велат дека нивниот тим за развој на мрежата на маршрути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и со Блискиот Исток, а фокусот во иднина ќе биде насочен и на поголема поврзаност со Шпанија и со Обединетото Кралство.

– Политиките на Владата за привлекување на авиолинии на скопскиот и охридскиот аеродром ги даваат своите резултати. Единеаест нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродрoм почуваат веќе од утре. Владата прави се за да привлече нови авиолинии кои што се субвенционирани за оние кои што доаѓаат во Охрид и Скопје, затоа што субвенциите се наменети за патник во доаѓање. Ваква револуција во авиосообраќајот не е видена со децении и затоа ова е најдобар поттик да работиме во следниот период. Расте бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром, расте бројот на туристи во Македонија и вака ќе продолиме да ја развиваме Македонија. Нека е со лесно, добредојде  на сите кои ќе слетаат во Охрид и Скопје и пријатно патување – вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Во целиот регион најпрометна меѓународна дестинација е аеродромот во Истанбул, со 473.568 седишта, по што следуваат Цирих со 414.502 и вториот истанбулски аеродром „Сабиха Гокчен“, со 342.704. Досега, вкупно 26 нови маршрути се закажани од поранешна Југославија оваа зима. Тие вклучуваат нова услуга од Централна Азија помеѓу Астана и Белград, долгоочекуваната врска помеѓу Љубљана и Барселона, како и дополнувања на рекреативни летови како што е линијата од Скопје до Ларнака.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ