Од М-НАВ велат дека техничкиот дефект на еден од двата радари е настанат во средата на полноќ кон четврток и е детектиран и дека со производителот од Италија се работи на негово отстранување. Веднаш се применети соодветни безбeдносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авиокомпаниите во такви околности. – М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром, вели Владимир Ристески, претседател на УО на М-НАВ и Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација.

Од синдикатите на М-НАВ предупредуваа за старата опрема и инсистираа да се замени со новата која е набавена и се уште не е поставена. Ристески вели дека тој договор со Синдикатот останува, но се чека сезоната на густи прелети да заврши целосно. Новиот радарски систем пред два-три месеци е стигнат од Италија од истиот производител како и сегашниот, и е купен за 2 милиони евра. 

Полетувањето и слетувањето на авиони на Скопскиот аеродром се одвива нормално, но со редуциран распоред поради техничкиот проблем што настана на еден од двете радарски глави поставени на кулата на Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ) и во непосредна близина. Претседател на УО на М-НАВ и Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација, Владимир Ристески вели дека техничкиот дефект е настанат во средата на полноќ кон четврток и е детектиран и дека со производителот од Италија се работи на негово отстранување.

– Ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбeдносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авиокомпаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони коишто можат да се опслужат на 1 час. Овие регулации ќе останат на сила се до отклонување на дефектот на радарската глава. М-НАВ вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба. Стапено е во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот/дефектот – вели Ристески.

Додека не се заменат изгорените мемориски делови контролорите ќе мора авионите да ги слетуваат еден по еден. Ако се погоди истовремено и друг, трет авион за слетување ќе мора да кружат малку на небо, додека не слета тој пред нив.

Радарскиот систем на скопскиот аеродром е поставен уште во далечната 2000 година и чинеше околу 2 милиони евра. Сега ова е веќе стар систем кој постојано треба да се одржува. Ристески посочува дека станува збор за скап радарски систем и за истиот се исто така скапи резервните делови кои кога би се набавиле сите се потребни најмалку 4 милиони евра.

– Не може да се каже кој е векот на траење на системот. На кој период се менуваат деловите на радарот зависи од брзината на вртење, ако е поспоро обновувањето на деловите е на подолг период и обратно. Не можете да предвидите кога ќе се расипе некој дел. А со Законот за јавни набавки ни се врзани рацете бидејќи за секоја набавка над 2.000 евра мора да се распише јавна набавка – објаснува Ристески.

Од синдикатите на М-НАВ предупредуваа за старата опрема и инсистираа да се замени со новата која е набавена и се уште не е поставена.

– Постоечкиот систем е доста стар и ние во секоја прилика предупредувавме. Ова е само почеток. Сите контроли на летање во нашата околина досега заменија по 3 – 4 системи, а ние уште работиме со стариот од 2.000 година. Реално пари за тоа има, а зошто не се инвестира прашајте го раководството на М-НАВ и од Министерството за транспорт и врски кои ги бранеа кога ние синдикатите предупредувавме – вели Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на Контролорите на летање (ССКЛ).

Контролорите на летање летово се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат. Откако добија уверување од новиот менаџмент дека новата опрема ќе се инсталира, контролорите претставени од Синдикатот на контролори на летање, го ставија штрајкот во мирување.

Ристески вели дека тој договор со Синдикатот останува, но се чека сезоната на густи прелети да заврши целосно. Новиот радарски систем пред два-три месеци е стигнат од Италија од истиот производител како и сегашниот, и е купен за 2 милиони евра.

– Како што се договоривме со Синдикатот, ќе се одбере тајминг кога бројот на прелети, слетувања, полетувања ќе опадне, т.е. зимно време и опремата ќе се инсталира. Тоа не е проста операција од денеска за утре, туку нешто многу сложено. Точно е, има нова опрема, не ја инсталирале претходниците со години, но факт е и тоа дека добавувачот од Италија доцнел и не бил докрај принципиелен и по пеналите што ги платил за доцнењето – рече Ристески.

Обласната контрола на летање Скопје опслужува 150.000 летови годишно и повеќе од 600 летови во текот на летото кога сообраќајот го достигнува максимумот. Ристески вели дека безбедноста на сообраќајот во никој случај не е доведена во прашање затоа што контролорите на скопскиот аеродром добиваат слики за тоа што се случува на небото од шест радарски глави – од двете на скопскиот и едната на охридскиот аеродром, како и од Витоша во Бугарија, Солун во Грција и од Бесна Кобила во Југоисточна Србија.

– Со тоа ги покриваме прелетите без проблем. Дневно имаме над илјада прелети, а само 30 до 40 авиони кои слетуваат или полетуваат, што е мал проток на сообраќај. Расипаниот дел ќе го замениме со нов, а дотогаш ги редуциравме слетувањата на воздухопловите – вели Ристески.

За техничкиот проблем во радарскиот систем на контролата на летање од СДСМ обвинија дека македонското небо е под ризик. Портпаролката Богданка Кузеска рече дека расипаниот радар во Контролата на летање е последица на „насилното вдомување на партиски кадри“ во една од најважните институции за безбедноста на сите. Таа тврди дека наместо професионалци, на клучни позиции се вработуваат луѓе по партиска линија, што доведува до хаос и импровизација.

– Оваа состојба изложува на ризик и граѓани и патници, а Македонија изгледа несериозно пред светот. Новото раководство вети дека наскоро ќе се инсталира целосно нов систем, но тоа не се случи. Власта остана глува на предупредувањата на контролорите на летање дека клучната опрема, вклучувајќи ги радарите и софтверот, е на работ на функционалност – рече Кузеска.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ