Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, се стекна со „Ниво 3“ – акредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродроми. Сертификацијата ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International – ACI) како дел од глобалната програма Airport Carbon Accreditation (ACA), и е потврда за напорите на аеродромот да ги намали емисиите и да ги вклучи своите партнери во одговорно управување со јаглеродот.
– Овие акредитации ја потврдуваат нашата посветеност кон животната средина и примената на најдобрите меѓународни практики во одржливото воздухопловство. Достигнувањето на Ниво 3 е значаен напредок во намалувањето на влијанието на јаглеродот и подобрувањето на енергетската ефикасност на аеродромот – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Сертификацијата „Ниво 3“ укажува дека аеродромот не само што ги контролира и намалува своите емисии, туку и активно ги ангажира своите партнери, како авиокомпаниите и давателите на услуги, во процесот на намалување на јаглеродниот отпечаток.
За да го достигне ова ниво, Меѓународниот Аеродром Скопје спроведе низа значајни мерки: имплементација на програма за енергетска ефикасност и мониторинг според меѓународни методологии, надградба на системите за осветлување со високоефикасни LED инсталации, оптимизација на системите за греење, вентилација и климатизација, воведување на хибридна аеродромска опрема и транзиција кон еколошки возен парк, зголемување на производството и набавката на обновлива енергија, воспоставување платформа за климатска акција за следење на податоците и координација на плановите за намалување на емисиите.
– Достигнувањето на Ниво 3 за помалку од една година од приклучувањето кон програмата е значајна пресвртница. Аеродромот ги оптимизира потрошувачката на енергија, го зголемува користењето на електрична опрема и инвестира во инфраструктура за полнење електрични возила, со што ја зацврстува својата долгорочна стратегија за декарбонизација – истакна Оливие Јанковец, генерален директор на ACI EUROPE.
Со ова достигнување, Меѓународниот Аеродром Скопје ја потврдува својата посветеност на климатската одговорност и го следи планот на ТАВ Аеродроми за постигнување јаглеродна неутралност до 2030 година и нето-нулта емисија на јаглерод до 2050 година на сите аеродроми во групацијата.
Програмата Airport Carbon Accreditation е единствена глобална иницијатива за сертификација на аеродроми за управување со јаглеродот, која независно ги оценува нивните напори преку седум нивоа: од „Ниво 1“ до „Ниво 5“. Целта е да се поддржат аеродромите во управувањето со емисиите и намалување на јаглеродниот отпечаток според меѓународните стандарди.
(С.Бл.)












