Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025 година – „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“, доделена од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).

Ова е 11-то признание за скопскиот аеродром во рамките на ASQ програмата, која се темели исклучиво на повратните информации од патниците. Анкетите се спроведуваат меѓу патниците во заминување, кои ги оценуваат клучните аспекти од аеродромското искуство – ефикасноста на чекирањето, безбедносните контроли, снаоѓањето низ терминалот и севкупната леснотија на движење низ аеродромот.

Континуираното добивање на ова меѓународно признание претставува доказ за посветеноста на вработените кон обезбедување висок квалитет на услуги, грижа за патниците и постојано унапредување на оперативните стандарди. Фактот што наградата се базира целосно на мислењето на патниците, дополнително ја потврдува довербата и задоволството од услугите на скопскиот аеродром.

– Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија. Признанието по 11-ти пат ја потврдува нашата конзистентна оперативна извонредност и постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година достигнавме и историски успех, услужувајќи рекордни над 3 милиони патници, што го прави ова признание уште позначајно. Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Тој додаде дека наградата, која целосно се темели на повратните информации од патниците преку ASQ програмата, го потврдува стратешкиот фокус на компанијата кон ефикасноста, сигурноста и унапредувањето на патничкото искуство, упатувајќи благодарност до сите вработени, партнери и патници.

Генералниот директор на ACI World, Џастин Ербачи, истакна дека признанието ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Аеродром Скопје во слушањето на своите патници и унапредувањето на услугите со цел обезбедување исклучително патничко искуство.

Меѓународниот Аеродром Скопје е дел од ASQ панелот од 20 европски аеродроми во категоријата од 2 до 5 милиони патници годишно. Во оваа група се вклучени аеродроми од Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка и Естонија, како и аеродромите во Загреб и Тбилиси, исто така управувани од ТАВ Аеродроми.

Во изминатите години, скопскиот аеродром повеќепати беше наградуван во различни категории на ASQ програмата – првично во категоријата до 2 милиони патници, а потоа, поради континуираниот раст на патничкиот сообраќај, во категоријата од 2 до 5 милиони патници годишно, каде успешно се натпреварува со регионалните аеродроми во Европа.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ