Скопската депонија ги загади почвата, воздухот и водата, ќе одговара ли конечно некој?

Малку беше скопското, па ѓубре надојде и од тетовско по коритото на Вардар

620

Како се празнат контејнерите по скопските булевари и улици, за час повторно се полнат бидејќи луѓето едвај чекаат да се ослободат од полните канти за ѓубре кои комуналците не ги испразниле веќе месец дена. Сликата на мали диви депонии кои се создаваат веднаш по нивното расчистување, се прави и од сомнителни активности на граѓани кои доаѓаат со возила од кои вадат и полагаат покрај контејнерите полни кеси со ѓубре.

Вонредните инспекции кои за состојбата со отпадот во Скопје, се активираа по владината заложба и истрагата на Јавното обвинителство, утврдиле и констатирале дека депониите покрај контејнерите, значително го оштетиле квалитетот на почвата, воздухот и водата Токму овие наоди им се ставаат на товар на директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието. По деноноќието поминато во полициската станица во Автокомонда, Јавниот обвинител ја објави истрагата во која и за двајцата од надлежниот судија  побара да им определи 30 дневен притвор. ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка поради сомненија за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230, бидејќи со несобирање на градското ѓубре, го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести. Според членот од законот по кој  се бара одговорност, на двајцата им се заканува казна затвор од една до три години.

Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести. Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје, стои во информацијата на ОЈО Скопје и МВР.

Од Јавното обвинителство велат дека засега имаат докази против директорот и раководителот за отпад, не ја исклучуваат можноста истрагата да се прошири и кон други лица. Градоначалничката Данела Арсовска во објавите на социјалните мрежи за настанатата ситуација со градското ѓубре постојано ја обвинува претседателката на Управниот одбор и ЈП Комунална Хигиена, Јулијана Спировска, која според Арсовска ја блокира работата на претпријатието и саботира набавка на механизација.

Малку беше градското ѓубре, па во понеделникот надојде и ново од полошкиот регион преку реката Вардар. Илјадници пластични шишиња пловеа по брзата река, а сликата ја направил жител на селото Копанце. Граѓаните коментираат дека ова не е прв пат пластика и друг вид на отпад да ја покрие реката.

„ За жал ова е само малиот дел на загадувањето,односно ова е она што плива на површината. Оваа количина на пластична амбалажа може само да потекнува од огромна количина на комунален отпад. Замислете само што се е исфрлено во водата и не се гледа. Едноставно и брзо решение наместо на депонија нека оди во Вардар“. „Најжалосно е дека овие шишиња можат да се рециклираат. Наместо да го правиме пловен и туристички Вардар, ние ги затрувме прво ракчињата а сега и рибниот фонд во реката“, реагираат граѓаните под објавеното видео. Од СВР Тетово велат дека постапуваа по допрен глас.

„Полицијата презема мерки и активности за откривање на сторителите и начинот како е настанато толкаво количество на пластичен отпад по течението на реката со што е предизвикано нејзино загадување“, велат за весникот Вечер од СВР Тетово. Од општината Тетово не упатија одговор за пластичните шишиња да бараме во Јегуновце од каде ни беше кажано дека не станувало збор за намерно истурање од камиони, туку со надоаѓање на вардарската вода, кај браната во Желино, водостојот расте и реката со себе ги носи дивите депонии кои пак настануваат од несовесните градежни фирми кои вршат ископувања на песок, ни кажаа надлежните инспектори во општината.

Пластичните шишиња од полошко, барем оние што не се закачиле на бреговите на Вардар сега веќе се кон егејскиот крај. Жителка на Скопје споделува дека во долниот тек на реката, кај МТВ, забележала како во водата плови машина за перење. Министерството за животна средина за екоцидот во Вардар прстот го впери во лоштите комунални услуги на претпријатијата од руралните средини. Апелираат до општините и граѓаните од полошкиот крај да биле поодговорни.

„Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби, потврдуваат од животна средина и најавија законски измени со цел воспоставување на единствен систем на инспекциски надзор за поефикасна контрола во областа на животната средина.

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова го сподели видеото на социјалните мрежи и порача дека ова е Вардар денес, истиот оној за кој пееме и ни е национална гордост.

„Ова што денес го гледаме на овие видеа, отпад кој тече наместо вода, не е само национален срам, туку и кривично дело. Ова може да се квалификува како „загадување на животната средина“, а воведено е и делото „екоцид“, двете се казнуваат со затвор.Но, законот сам по себе не значи ништо ако не се спроведува нели?!? Така што ОЈО, Народен Правобранител и кој се и да може да е надлежен повелете постапете, повика Зајкова на одговорност, инспекции на терен и санкции. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ