ЕБОР ѝ додели на Македонија 2 милиона евра неповратни средства, кои ќе бидат искористени за техничка поддршка за спроведување физибилити студии и анализи за животната средина и за социјалните аспекти за Вардарскиот и за Југоисточниот регион, како предуслов за изградба на современи санитарни депонии, претоварни станици и опрема за управување со отпадот во регионот, според највисоките стандарди на ЕУ.
Регионалниот проект за цврст отпад, финансиран со заем од ЕБОР од 55 милиони евра, кој беше претходно потпишан, вклучува изградба на санитарни депонии, трансфер-станици и на инфраструктура за собирање на отпадот во повеќе региони. Првата фаза, финансирана со транша од 47,5 милиони евра, веќе е во фаза на спроведување и опфаќа активности во регионот на Пелагонија, во Југозападниот и во Полошкиот Регион. Новиот грант е дел од поширока финансиска поддршка обезбедена од ЕУ и од WBIF што вклучува 21,7 милиони евра инвестициски грант, кој ќе биде попишан во текот на спроведувањето на регионалниот проект за управување со цврстиот отпад.
Во насока на намалување на отпадот во земјава, скопската цементарница „Титан Усје“ има воспоставено систем за управување со отпадот, кој е базиран на рециклирање, компостирање, анаеробна дигестија, повторна употреба и на термално процесирање на цврстиот отпад. За спроведување на овој систем – Нула отпад на депонија (Zero Waste to Landfill Platinum Certificate), цементарницата доби признание и е прва компанија со Platinum-признание во земјава.
Во 2024 година „Титан Усје“ имаше 99,86 % повторна употреба на отпадот.
– Иако компанијата не создава отпад во производствениот процес, активно работиме на ефективно спроведување на одржлив систем на управување со отпадот, кој се генерира од амбалажата на производите, од одржувањето на погоните и од административното работење. Како членка на групацијата ТИТАН, достапни ни се најдобрите практики во оваа област, кои успешно ги имплементиравме. Оваа награда е од големо значење за нас, бидејќи доаѓа во годината кога одбележуваме 70 години од нашето постоење и е вистинска потврда за нашата определба за спроведување на принципите на кружната економија во нашата компанија. Овој модел е значаен и за заедницата, а ние сме подготвени да го споделиме нашето искуство и да помогнеме за пошироко спроведување на овој начин на работење – истакна Константинос Николау, главен извршен директор на „Титан Усје“.