Железничката станица во Скопје зјае празна. На двете огласни табли се најавуваат возови, а на пероните пусто – нема ниту луѓе ниту возови. За да се стигне до платформата, треба да се искачат мноштво скалила, бидејќи ескалаторите не работат. Ваква е сегашната слика на скопската железничка станица.
Но, за неколку години Скопје ќе добие модерен транспортен центар бидејќи сегашната железничка станица направена во минатиот век е „џин кој со години трофира и станува дисфункционален и не ја исполнува својата задача“. Ова беше истакнато на вчерашната прес-конференција на која беше најавена реконструкцијата на овој објект пуштен во употреба во далечната 1981 година и кој во својот полн слај и збогатен со нови содржини ќе биде пуштен за пет до шест години, заедно кога се планира да се стави во употреба кракот од пругата од Скопје до Скопскиот аеродром, како и брзата пруга од Табановце до Гевгелија на коридорот 10.
Нарачател на проектот за реконструкција на Железничката станица е ЈП „Македонски Железници – Инфраструктура“ во соработка со Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет. Директорот на „МЖ-Инфраструктура“, Синиша Ивановски, најави дека проектот ќе се изработува една година, по што ќе следува обезбедување на средства и почеток на градежни работи.
– Тоа што ќе го направиме сега, треба да трае во наредните 50 до 100 години и нема да брзаме со проектирање. Ако завршиме со проектот за една година, финансирањето ќе биде или со средства од државниот буџет или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, но не е исклучена можноста да влеземе во стратешката партнерство со Велика Британија со кои ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти. За пет до шест години од денес во исто време да бидат готови и брзата пруга и кракот до Скопскиот аеродром. Можеби дејствува апстрактно, но верувајте, со сите сили работиме паралелно на сите проекти – рече Ивановски.
Реконструкцијата ќе го зачува основниот изглед и ќе бидат вметнати нови модерни содржини.
– Ќе се менуваат инсталациите, греењето, ладењето. Станицата сега изгледа како питстоп на Формула и веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање, може да има и аптеки и други комерцијални содржини, но доградби како ќебапчилница и други работи нема да бидат дозволени. Столбовите на градбата сега се рекламно пано за концерти и тоа нема да биде дозволено. Сè што е доградено и е надвор од првичниот проект ќе биде отстрането – рече Ивановски.
Деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова Поповска, истакна дека претстои многу работа, а прво ќе се направи документирање и анализа на оригиналната документација, а ќе бидат ангажирани и експерти од надвор.
– Транспортниот центар е овој џин кој со години трофира и станува дисфункционален и не ја исполнува својата задача. Со сите зафати и реконструкции што ќе ги предложиме, а кои ќе се однесуваат на оригиналната состојба на објектот, со сета почит кон големиот проектант Кензо Танге, ќе придонесат за надградба на одредени содржини кои овој објект ќе го направат социјален хаб, ќе преставува додадена вредност за она што претставуваат железничките станици. Тој приклучок со брзата железница е извонредна работа, тоа го очекуваме со години и им го должиме на генерациите по нас – изјави Христова Поповска.
Градежниот факултет ќе биде ангажиран за целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата Зелениково – Велес за што има огромен број критики за бавно возење меѓу 10, 20 и 30 километри на час, како и санирање и јакнење на мостовската конструкција на Црна Река, која е во крајно сериозна состојба, на свлечишта, потпорни ѕидови…
– Овој почеток е многу е значаен бидејќи сакаме да бидеме дел од паневропската мрежа на која припаѓаме. Со овој проект ќе ги обезбедиме условите и стандардите што важат во сите европски земји, рече Јосифовски, истакнувајќи дека имаат капацитет да одговорат на задачата.
(С. Бл.)