Не постојат технички или архитектонски зафати што можат да нè спасат од претераната урбанизација. Градовите треба да се модифицирани екосистеми и треба да ја искористиме постојната вегетација што ја имаме која ни дава кислород, но и сенка која е скапа работа во Македонија. Решенијата што досега се примениле, како нови паркови, зелени покриви и слично, не го подобрија многу целокупниот амбиент на градот, за кој м-р Кирил Арсовски Пржо, истражувач од Институтот за комуникациски студии (ИКС), вели дека се наоѓа во шах-мат позиција. Тој смета дека со иновативни, ефикасни и одржливи решенија засновани врз природата кои одговараат на локалниот социјален и климатски контекст, ќе можат да се ублажат дел од опасностите за градовите, вклучително и за Скопје
Градовите низ Европа, а особено градовите низ Западен Балкан, се соочени со поголеми притисоци: топли лета и топлотни бранови, поплави, лош квалитет на амбиентален воздух, како и сè поголемата потреба за нови простори за живеалишта. Сето ова ги прави градовите многу непријатни места за живеење, каде граѓаните секојдневно се соочуваат со различни ризици кои влијаат на нивното здравје и живот.
Ништо поразлично не е живеењето и во Скопје, град кој урбано брзо се развива, а таа урбанизација носи нехуман начин на живеење. Решенијата што досега се примениле, како нови паркови, зелени покриви и слично, не го подобрија многу целокупниот амбиент на градот, за кој м-р Кирил Арсовски Пржо, истражувач од Институтот за комуникациски студии (ИКС), вели дека се наоѓа во шах-мат позиција. Тој смета дека со иновативни, ефикасни и одржливи решенија засновани врз природата, кои одговараат на локалниот социјален и климатски контекст, ќе можат да се ублажат дел од опасностите за градовите, вклучително и за Скопје.
Според него, сите насадени идеи однадвор не се применливи кај нас, туку тие треба да произлезат од локалното население кое најдобро знае што му е потребно. Како пример, тој го посочува зелениот покрив на Градскиот трговски центар, кој иако има доста зеленило, не е зелено решение и не е одржливо бидејќи бара многу вода.
– Можеби е добро место да се испуши цигара под сенка, но нема простор за шетање, што значи дека не е ефективно решение. Исто така, паркот „Пајко маало“ зад Филхармонија не е одржливо решение. Сè околу паркот се објекти со покриви кои го затоплуваат просторот, а треба да е обратно – вели Арсовски.
Исто така, градењето трговски центри е надминат концепт бидејќи во пораст е онлајн купувањето, а и не се решение за урбани средини, туку за средини во развој, како приградските населби. Тој смета дека просторите на кои се трговските центри, како и просторот на поранешната фабрика „Треска“, требаше да се зелени простори со содржини кои ќе им бидат од корист на граѓаните – да прошетаат, да се рекреираат или да креираат. За кејот и за коритото на реката Вардар, исто така, смета дека треба да биде зелен простор, а едно од решенијата е садење на соодветни дрвја кои ќе ја намалат топлината.
– Не постојат технички или архитектонски зафати што можат да нè спасат. Градовите треба да се модифицирани екосистеми и треба да ја искористиме постојната вегетација што ја имаме која ни дава кислород и сенка. Сенката е скапа работа во Македонија, но е важна за енергетската одржливост бидејќи трошиме помалку енергија за ладење. Зеленилото е, исто така, најлесен начин да се спречи бучавата во градовите и истовремено ја задржува и ја дренира водата во почвата и го намалува ризикот од поплави. Исто така, зеленилото ја намалува влажноста која е проблем во центарот на Скопје – истакна Арсовски.
Тој смета дека е потребна поголема едукација на граѓаните за заштита на околината и строги контроли и казнување од страна на надлежните институции на загадувачите.
– Секој поединец треба да придонесе. Затоа што сите ние дома имаме убаво уредени станови, но кога ќе погледнеме од прозорец, гледаме расфрлено ѓубре, кучиња по улиците, загаден воздух. Гази Баба, Водно и Матка треба да бидат заштитени површини од загадување, а Градскиот парк да биде под строго управување – вели Арсовски.
По неговото обраќање, се разви јавна дискусија на која присутните изнесоа своите ставови и гледишта кон тоа во кој правец треба да се развиваат големите урбани заедници во Македонија, а беа поставени и прашања кои би помогнале во создавање одржливи заедници непосредно пред локалните избори во државата. Од дискутантите беше истакнато дека во Скопје остануваат само уште 15 проценти што треба да се спасат, а сè останато во градот е бетон и пластика.
Како дел од проектот „Градски пристап кон забрзување на решенија засновани на природата преку Регенеративен урбан светилник на ЕУ“, од Институтот за комуникациски студии досега имаат одржано три јавни предавања пред студентите од Шумарскиот факултет и од Факултетот за биологија од Белград и од Природно-математичкиот факултет од Нови Сад, за целите и за вредностите на зелените решенија инспирирани од природата.
(С .Бл.)