Наскоро со концерт во Паблик-рум!
„Скопје виа“, новата музичка сензација на овие простори, етноакустичен состав со препознатлив џипсиџез-звук на авторски песни пред македонската публика, ќе се претстават на 21 ноември. На тој датум им е закажан концертот во Паблик-рум. Овој уникатен џипси-џез-оркестар комбинира театарска експресија, џипси-џез-дух и современ балкански звук.
„Скопје Виа“ е музички проект оформен како симбиоза на искуство, креативна визија и сценска енергија.
Мишел Трајковски
Зад него стојат два истакнати наши уметника: Мишел Трајковски – музичар со богато портфолио и долгогодишни соработки со еминентни регионални и интернационални изведувачи, и Јана Стојановска – реномирана актерка и вокалистка со значајно и разновидно присуство на театарската и музичката сцена. Во акустичниот бенд, освен врвниот хармоникаш Мишел Трајковски, се и витуозите: Хилми Баки – Виолина, Никола Петрушевски – Кларинет, Пате Конга – Перкусии, Кирил Златановски – Бас гитара, Марче – Гитара.
Проектот „Скопје Виа“ – Gypsy project – претставува уникатен спој на автентичен израз и современа уметничка форма. Инспириран од балканската и ромската музичка традиција, џипси-бендот ја истакнува слободата, темпераментот и емоционалната длабочина на овој културен контекст, пренесувајќи го тоа преку свежа, динамична и експресивна музичка естетика.
Воден од мотото „Being Gypsy is a state of the soul“, „Скопје Виа“ претставува повеќе од музика – тоа е уметнички концепт што го слави богатството на духот, културната разновидност и силата на интерпретацијата, создавајќи простор каде се среќаваат традицијата и современоста.












