Сараево утрово се најде во врвот на листата на градови со најзагаден воздух во светот, односно на второто место во светот, а прв во Европа, врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците достапни таму, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафена категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух што е опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 332, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Скопје во 10 часот утрово се најде на 19 место, или втор најзагаден град во Европа. Според мерењата на домашните мерни станици, а рангирањето на швајцарската апликација „Ај Кју Ер“ (IQAir), индексот на загаденост во главниот град достигна 154, што го става во категоријата „нездрав воздух“.
Концентрацијата на ситни честички прашина во воздухот PM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го оштетат здравјето, во Скопје е 12 пати повисока од годишната референтна вредност дозволена според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Скопје последните денови е на врвот на најзагадени градови во светот. Оваа ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога се случуваат температурни инверзии, што предизвикува магла да го покрие Скопската котлина, а честички од штетни материи да се акумулираат под него.
На првото место со најзагаден воздух во светот е Лахоре во Пакистан со индекс од 368, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.












