Скопје и другите поголеми македонски градови со екстремно високи концентрации на отрови во воздухот. Иако Скопје се устоличи на неславното второ место (пред нас е само Сараево) по аерозагадување, додека македонската метропола е на седмото место по загаден воздух во светот, Министерството за животна средина излезе со мерки и со препораки за Струмица и за Кичево, каде што два дена по ред е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 μг/м3). 

Аерозагадувањето не го погодува само Скопје. Многу градови во регионот и во светот кои се сместени во длабоки долини и опкружени со планини, со децении се задушуваат во смог. Сепак, додека во зимските месеци Скопје наутро се буди во сива „покривка“ од смог, градовите што некогаш се сметаа за најзагадени на планетата, успеаја да ја свртат приказната во своја корист

Според податоците на светскиот сервис „Ај-кју ер“, индексот на квалитетот на воздух во Скопје денеска е нездрав за дишење. Со тоа, Скопје се устоличи на неславното второ место (пред нас е само Сараево) по аерозагадување, додека македонската метропола денеска е на седмото место по загаден воздух во светот.

Екстремна загаденост бележи и новиот портал на Министерството за животна средина и просторно планирање. Денеска напладне, мерната станица Центар во Скопје покажа дека концентрацијата на ПМ10-честички изнесува 201,07 μг/м3 што е четири пати повеќе од дозволените 50 μг/м3, додека концентрациите во воздухот на ПМ2,5-честички изнесуваа 141,58 μг/м3, а се смета дека 24-часовната концентрација на ПМ2.5 се оценува за нездрава кога се зголемува над 35,4 μг/м3.

Поголемите македонски градови како гасни комори

На веб-страницата https://air.moepp.gov.mk/ може да се види дека покрај Скопје, нездрав воздух денеска дишат и граѓаните на Битола, Тетово и Куманово. А поради надминат праг на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 μг/м3 во текот на два последователни денови) во Кичево и во Струмица, Министерството за животна средина ги активира мерките и препораките што треба да ги спроведат локалните самоуправи. Тие обврзуваат да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и со Б Интегрирана еколошка дозвола, вонредни контроли на градилиштата и на техничката исправност на возилата, особено на оние со дизел горива и со нерегистрирани возила. Се забранува горење на отворено.

– Се препорачува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Правните субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот, а спортски натпревари и други културни манифестации на отворено се препорачува да не се организираат – се наведува во препораките.

Од каде доаѓа загадувањето на воздухот?

Досегашните анализи што ги направија релевантни институции и лаборатории покажуваат дека греењето со отпад се клучниот фактор за зимското загадување. Најголем дел од аерозагадувањето доаѓа и од печки на јаглен и дрва со кои се затоплуваат домаќинствата. Извори на загадување се и котли за затоплување на мазут, а такви ги има преку стотина само во Скопје. Загадувачи на воздухот се и електрани и фабрики што согоруваат фосилни горива (јаглен, нафта, природен гас). Издувните гасови од возилата се на трето место по аерозагадување. Градежништвото и прашината што се дига во воздухот придонесуваат за зголемување на концентрациите на ПМ10-честичките.

Весникот ВЕЧЕР побара одговори од Град Скопје дали планираат да преземат некакви мерки за намалување на загадениот воздух, но оттаму не добивме одговор.

Аерозагадувањето се повторува секоја година, речиси секоја влада најавува обемни проекти за намалување на штетните честички во воздухот. Но, тие најчесто се напишани во стратегии и документи.

– Иако причините за аерозагадувањето се одамна анализирани, низ годините недостига политичка волја и доследна реализација на решенијата. Сите ние што ги дишеме отровите сме сведоци дека институциите си ја префрлаат одговорноста, напредок во вложување во поголеми инвестициите потребни за намалување на загадениот воздух, нема – коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Експертите сметаат дека замената на начинот на затоплување (од печки на дрва)  на греење со инвертери и со проширување на топловодната мрежа, особено сега кога е под државна капа, можат значително да го подобрат квалитетот на воздухот. Премиерот Христијан Мицкоски, деновиве истакна дека Скопје имало денови со почист воздух од други европски метрополи, повикувајќи на позитивен наратив.

Најранливи на загадениот воздух се најмладите

Извештајот на УНИЦЕФ нотира дека ризиците од загаден воздух во Македонија се особено големи. Скопје често се наоѓа високо на листата на најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена во годината. Другите градови како Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани, исто така, имаат висока аерозагаденост, посебно во зимските месеци.

– Особено ранливи на загадениот воздух се најмладите. Во Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој деветти смртен случај на деца под една година. За да растат здрави, на децата им треба чист, безбеден воздух – се вели во извештајот на УНИЦЕФ.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ