Минатата година бил забележан континуиран тренд на намалување на бројот на невработени лица во земјава, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Македонија (АВМ). Од месец во месец, се регистрира пад на бројот на граѓани што се пријавуваат како невработени.
Според последните податоци, во ноември 2025 година како невработени биле евидентирани 90.278 лица, додека во категоријата „други лица што бараат работа“ биле пријавени 42.614 граѓани. За споредба, еден месец претходно, бројот на невработени изнесувал 91.434 лица, а во октомври биле регистрирани 94.729 невработени. Во септември, бројот изнесувал 94.480 лица, додека во август како невработени биле пријавени 95.032 граѓани.
Овие податоци укажуваат на јасен и стабилен тренд на намалување на невработеноста, при што се бележи најмал број пријавени невработени во последниве неколку години.
Анализата по региони покажува дека најголем број невработени се регистрирани во Скопје, каде што како невработени се пријавиле 20.160 лица. Следува Тетово со 11.807, Куманово со 8.930, Гостивар со 6.508 и Прилеп со 5.379 невработени граѓани.
Надлежните институции очекуваат да продолжи овој тренд и во наредниот период, особено со примената на новиот Закон за работно ангажирање, кој стапи на сила на 1 јануари 2026 година.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, неодамна изјави дека, според податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година, во земјава имало околу 694 илјади вработени лица, од кои околу 85 илјади биле неформално ангажирани.
– Ова е сериозен предизвик што бара системски решенија. Законот за работно ангажирање претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско вработување – нагласи Дурмиши.












