На сцената на театарот „Камплој“ во Верона, Италија, на 13 септември во 21 часот ќе настапи Скопје танцовиот театар со претставата „Д како Дездемона“ во кореографија на Рисима Рисимкин. Во претставата учествуваат првенците на Скопје танцовиот театар, дел од студентите на Катедрата за современ танц при УГД и ученици од балетскиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Претставата е дел од трилогијата на кореографката и универзитетска професорка, Рисима Рисимкин, насловена „Жените во делата на Шекспир“, која својата премиера ја имаше на првите „Денови на македонски кореографи“ одржани во НОБ, а потоа се изведе и на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал за монодрама во Битола. Ова е второ гостување на Рисимкин на Шекспир фестивал во Верона, првото беше гостувањето со „Лејди Магбет“ во 2023 година, кога претставата апсолутно ја освои публиката.

Настапот на студентите е дел од програмата „УГД – Чекор кон светот“, проект кој се изведува веќе трета година, со цел студентите преку професионално искуство да се интегрираат во интернационалната танцова сцена, што им овозможува развој на уметничкиот интегритет.

„Со нетрпение го очекуваме настапот на преубавата сцена на театарот „Камплој“ во Верона и повторната средба со публиката, која минатиот пат нè пречека со огромни аплаузи и одушевување. Да се работи тема од творештвото на Шекспир за мене е огромен предизвик и се радувам на средбата со публика која го познава Шекспир и пред која ќе го претставиме нашиот уметнички израз“ – вели Рисимкин.

Претставата е на музика на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Дездемона е во изведба на Анастасија Данчевска, Јаго е Дејан Битровски, Отело е Лука Георгиевски, Емилија е Сара Димовска, Сенката е Давор Милев, а Гласови се Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска. Претставата е во продукција на Скопје танцовиот театар / Интерарт културниот центар во 2025 година.

Фото: Драган Перковски

ИЗДВОЕНИ