Од сабајлево Скопје е поврзан со директна авиолинија со Стокхолм, главниот град на Шведска. Линијата ќе ја опслужува „Виз ер“ два пати во неделата (понеделник и петок), а на веб страницата на авиокомпанијата веќе се пуштени билети во продажба и тоа почнувајќи од 3 ноември за летот од Скопје по цена од 6.469 денари, додека за истиот ден во обратен правец Стокхолм-Скопје цената на билетот изнесува 1.920 денари. За 7 ноември билетот од Скопје чини 4.269 денари, односно 1.803 денари во обратен правец кога „Виз ер“ ќе полета од главниот аеродром во Стокхолм – Арланда.

Од денеска „Виз ер“ ќе го поврзе Скопје и со италијанскиот град Бари, а од охридскиот аеродром ќе биде реализиран и првиот лет за Базел. Утре пак, започнува и новата линија Скопје-Мадрид, а се враќа и линијата Скопје–Ларнака.

– Многу сум среќен што на почетокот на зимската сезона, пет нови авиолинии почнуваат од двата аеродроми, во Скопје и Охрид. Секако со поддршка на Владата и благодарение на посветеноста на „Виз ер“. Сигурен сум дека овие пет дестинации дефинитивно ќе бидат посетени и сакам да додадам уште нешто, многу важно, дека овие нови дестинации кои ги најавувам, се избор на патниците, избор на оние патувачи кои што со нетрпение очекуваат да бидат повзрзани со овие градови од двата аеродроми, од овде во Македонија. Исто така, сакам да се заблагодарам на нашиот тим од ТАВ Аеродроми кои ја дадоа својата поддршка за да ги спремиме овие дестинации и сега да можеме да ги споделиме со патниците. Верувам дека ќе уживате во новите дестинации, ние не застануваме тука, ние сме посветени да обезбедиме што повеќе дестинации од двата македонски аеродроми и сигурен сум дека нè очекуваат уште повозбудливи нешта – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од петте нови линии, Мадрид и Бари се целосно нови дестинации за македонскиот пазар, односно главниот град на Македонија за првпат ќе биде поврзан со шпанската престолнина и со италијанскиот крајбрежен град. Ларнака и Базел се повторно воспоставени линии, додека Скопје-Стокхолм е нова линија. Од ТАВ Македонија очекуваат голем обем на патнички сообраќај на сите пет нови линии на „Виз ер“, имајќи го предвид фактот дека сите овие градови се атрактивни туристички дестинации, кои беа барани од патниците.

Стокхолм е еден од најубавите градови во Европа… Тој е главен град на Кралството Шведска и има околу 2 милиони жители. Сместен на 14 острови, често се нарекува Венеција на северот. Стокхолм бил основан од старите Нормани и бил главен град на нивното кралство долго време. Денес тој е град со чудесна убавина и големи културно-историски споменици… Во Стокхолм треба да ги видите: Кралската палата – официјалната резиденција на шведските монарси, Кралската опера – една од најголемите куќи од овој тип во светот , Театарот Готланд, уметничкиот кварт Скансен, најстариот дел од градот познат како Ридархолемен итн… Бројните трговски центри даваат можност за одличен шопинг, додека на крајот од денот можете да се забавувате во еден од популарните клубови до доцна во ноќта.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ