Првиот човек на Градот, Орце Ѓорѓиевски, спомена дека започнала обнова во јавните претпријатија каква што Скопје не памети: нови специјални возила за „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, ЈСП и за „Градски паркинг“, нови контејнери и систем за воведување ред во хигиената. Притоа се пофали дека, со работа, успеале за само два месеци да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и на јавните претпријатија, паралелно започнувајќи, како што нагласи, најмногу капитални проекти што ги видел овој град                                     

 

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес- конференција, самоуверено најави дека градот полека, но сигурно излегува од колапсот, хаосот и долговите создавани, како што рече, со години, со неодговорно владеење. Тој потенцираше дека тоа не е лесна задача, со тоа што му бил оставен Градот на работ од банкрот.

– Влеговме во секоја девастирана пора на системот што ни го оставија. Јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати. Луѓе што со години земале плата без да стапнат на работа. Град претворен во депонија, расипани машини, автобуси во гаражи и на сето тоа, долг од 300 милиони евра. Колапс без преседан – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека на сметката на Градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека тој ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.

Притоа се пофали дека, со работа, успеале за само два месеци да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и на јавните претпријатија, паралелно започнувајќи, како што нагласи, најмногу капитални проекти што ги видел овој град.

Била нормализирана исплатата на платите во јавните претпријатија  „Дрисла“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Лајка“, „Флораком“ и „Луна“, каде што претходно се доцнело по две плати, а се решавале обврски од околу 450 милиони денари.

Со првиот ребаланс на буџетот за 2025 година е засилена наплатата и воведена финансиска дисциплина, а буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари, зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.

– Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега – потенцираше градоначалникот.

Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари според приходите и реализацијата.

Започната е изградба на 50 мини парка во Скопје и на мегапаркот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел, кој ќе биде новото зелено срце на градот.

Ѓорѓиевски наведе и дека многу се вложува во образованието.

– Изградени се спортски терени во шест средни училишта, обезбедени се 60 милиони денари за реконструкција, прочистувачи за воздух во секоја училница, целосна дигитализација, 86 милиони денари за енергетска ефикасност, лаптоп за секој првенец на генерација, воведување униформи за прва година, летни кампови за ранливите категории и целосно бесплатна психолошка поддршка за сите ученици – првпат во историјата на Град Скопје – наброја скопскиот градоначалник.

Повтори и тоа дека биле откочени клучни проекти во инфраструктурата, кои биле заглавени со години.

– Кај клучката Момин Поток е исплатена експропријацијата и работите се во полн ек. Во тек е супервештачење за објект на булеварот АСНОМ, со што ќе се стави во функција таканаречениот мост за ловење риба во 2026 година. Започната е првата фаза од булеварот „Македонија“, наскоро ќе започне втората, а четвртата ќе започне до крајот на 2026 година. Со завршувањето на сите фази, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница. Во напредна фаза се и преговорите за експропријација на објектите на булеварот „Борис Трајковски“, за чие завршување се обезбедени средства, со што оваа клучна артерија, конечно, ќе функционира нормално. Реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“ е во втора фаза, започната е и реконструкцијата на „Перо Наков“ и се обезбедени дополнителни 150 милиони денари за рехабилитација на помалите улици. Во буџетот за 2026 година има средства и за булеварите „Февруарски поход“, „Цветан Димов“ и други сообраќајни решенија – истакна  Ѓорѓиевски.

Спомена и дека во јавните претпријатија започнала обнова каква што не памети Скопје: нови специјални возила за „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, ЈСП и за „Градски паркинг“, нови контејнери и систем за воведување ред во хигиената.

– Се инвестира и во зонското паркирање и во нови монтажни паркинзи, како и во две монтажни гаражи во Клиничкиот центар, кои ќе решат долгогодишен проблем. Откочен е и најголемиот еколошки проект во историјата на градот: пречистителната станица за отпадни води, вредна околу 185 милиони евра. Во ЈП „Водовод“ се реализираат десетици проекти за нови цевководи, атмосферска канализација, заштита од поплави и стабилно водоснабдување. Со „Флораком“ и „Луна“ се обновува зелената инфраструктура и се враќа лунапаркот, кој ќе биде завршен во втората половина на 2027 година – посочи првиот човек во Градот.

Меѓу другото, Ѓорѓиевски нагласи дека паралелно со инвестициите, сериозно се намалуваат долговите – тековните обврски за над 4,6 милиони евра, кредитите за над 1,2 милиони евра, како и дека драстично се намалени долговите на јавните претпријатија: на „Водовод и канализација“ за 1,3 милијарди денари, на ЈСП за 427 милиони, на „Комунална хигиена“ за над 130 милиони, на „Паркови и зеленило“ за над 80 милиони, на „Дрисла“ за 14,5 милиони и на „Градски паркинг“ за 41,6 милиони денари.

Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните што го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува намирување на обврските од 2022 до 2025 година, од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти, во износ од 19,5 милиони евра.

– Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите – порача тој.

На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и на целосната трансформација на градот.

 ЌЕ СЕ ПРОШИРУВААТ КАПАЦИТЕТИТЕ НА „ЛАЈКА“

Ѓорѓиевски, информираше дека се обезбедени 30 милиони денари за ЈП „Лајка“, кои ќе бидат наменети за сериозно проширување на капацитетите и за создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.

Тој најави дека многу брзо Град Скопје ќе започне конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе се обезбедат простор, грижа и достоинствен третман на бездомните кучиња.

– Тие се живи суштества што заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот. Проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен – уверува Ѓорѓиевски.

Додаде дека, со надлежните институции, веќе е отворено прашањето за носење бездомни кучиња од други градови. Обелодени и оти со воведувањето на системот „Безбеден град“, сите што несовесно ги носат животните во главниот град, ќе бидат откриени и санкционирани.

Апелираше да се пријавува секоја појава, бидејќи само со заедничка акција може да се воведе ред и да се изгради систем што функционира.

 „ЕЗЕРЦЕ“ ОДИ ВО ИСТОРИЈАТА

Некогаш култниот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк се урива. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, уверува дека нема да се гради објект на негово место, туку детско игралиште.

– Објектот беше руина претворена во јавен тоалет и место на девијантни појави, и тоа во еден од најубавите и најголеми паркови. Во координација со Општина Центар, просторот се тампонира и таму ќе се гради детско катче, ќе се постават реквизити, како и урбана опрема. Тоа беше дивоградба, нема никаква документација за тој објект и затоа решивме да го урнеме – изјави Ѓорѓиевски.    

(А. П.)  Фото: (П. С.)     

ИЗДВОЕНИ